Свечено врачување на „Роман на годината“ на Влада Урошевиќ во МСУ
Свеченото врачување на наградата „Роман на годината“ за 2022 година ќе се одржи вечерва, вторник (30 мај) во Музејот на современата уметност во Скопје, во 20 часот.
Лауреат на наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, е романот „Вистината но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ, а во издание на „Арс Ламина“.
Наградата „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава ќе биде врачена по 24. пат. Наградата се состои од плакета, оригинална статуетка (авторство на скулпторот Сашо Саздовски) и паричен износ од 150.000 денари.
На Свеченото врачување ќе настапи и џез бендот на Гоце Стефковски.