Свечено пуштен во употреба новиот софтвер на ХС „Злетовица“


Mинистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со министерката за надворешни и европски прашања на Република Словенија, Тања Фајон, денеска остварија работна посета на Општина Пробиштип, каде свечено го пуштија во употреба новиот SCADA систем на Хидро системот „Злетовица“ и извршија увид на изградената филтерстаница во Општина Пробиштип.

Делегацијата на Република Словенија, беше пречекана од министерот Николовски, градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов и директор на ХС „Злетовица“, Љупчо Благојевски.Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Николовски истакна дека филтер станицата во Општина Пробиштип е изградена во 2011 година, со поддршка на Република Словенија. Станува збор за важен капитален проект, кој овозможува квалитетно водоснабдување на жителите на Општина Пробиштип. Изградбата на филтер станицата следуваше, откако со изградбата на Хидросистемот „Злетовица“, се обезбедија услови за водоснабвудање на граѓаните од општините Пробиштип, Штип, Свети Николе, Карбинци и Лозово. Посочи дека  за да може да се користи водата од Хидросистем „Злетовица“, беше потребно да се изградат нови филтер станици во општините опфатени во проектот, со технологија која овозможува преработка на површински води.

-Во 2011 година токму тука во Општина Пробиштип е изградена филтер станицата, која располага со соодветна технологија за преработка на површински води – ултрафилтрација. Вредноста на филтерстаницата изнесуваше 1.440.000 евра, а покрај учеството на општината и државата, во реализациајта на овој значаен проект свој придонес има и Република Словенија со донација на 450.000 евра, вели Николовски.

Дополнително за да се зголеми капацитетот на филтер станицата, како и да се изврши сервисирање на опремата во филтерстаницата, вложени се 1.200.000 евра, односно 600.000 евра средства од буџетот на државата, и 600.000 евра уште една поддршка од нашите пријатели од Република Словенија. На овој начин во 2019 година успешно беше завршен овој проект, со што капацитетот на филтерстаницата се зголеми на 100 литри во секунда.

Николовски додаде дека со изградбата на Хидросистем „Злетовица“ се обезбеди водоснабдување на населението во пет општини, Пробиштип, Штип, Свети Николе, Карбинци и Лозово, подобрувајќи ги условите за живот на населението. Преку проектот за надградба на Хидросистемот „Злетовица“, се изврши замена на застарената опрема, рехабилитација и надградба на постоечките системи, со што се подобри одржливоста на системот и сигурноста во неговата работа. Со рехабилитацијата на хидромеханичката опрема, се овозможи навремено празнење на акумулацијата, во случај од појава на големи води, што придонесува за поголема безбедност на населението, по течението на река Злетовица.

Кај главниот систем се изврши комплетна рехабилитација, со инсталација на нов софтвер на SCADA системот на ХС „Злетовица“, кој денеска свечено беше пуштен во употреба, од страна на министерот Николовски и словенечката министерка за надворешни и европски прашања на Република Словенија, Тања Фајон.

-Република Словенија и Република Северна Македонија се традиционално долгогодишни партнерски пријателски држави, кои соработуваат и Словенија е голем поддржувач на Република Северна Македонија не само на патот кон европската интеграција, туку и голема техничка помош, поддршка на различни проекти. Денеска конкретно бевме овдека, а во сите изминати децении Словенија вложи 43,5 милиони евра и овој проект е доказ за успешна техничка соработка, вели Фајон.

Таа истакна дека ја радува што ја видела контролната соба на  системот во Хидросистемот „Злетовица“, кој обезбедува вода за пиење на општините Штип, Пробиштип, Свети Николе, а наскоро и на Карбинци и Лозово.

SCADA системот се состои од Главен SCADA Центар во Пробиштип и Секундарен SCADA Центар на брана Кнежево, преку кои се врши надгледување и управување со опремата на контролните точки од ХС „Злетовица“. Обновувањето на компјутерската опрема, серверите, електронското складирање и зачувување на податоците, овозможува во наредниот период, од околу 10 години, да нема никакви проблеми во работата на SCADA системот на ХС „Злетовица“.

-Она на што следно ние како министерство работиме е уште поголема поддршка за младите земјоделци, преку креирање на Сојуз на млади земјоделци, по примерот на Рурална младинска асоцијација на младите земјоделци во Словенија.  Дополнително работиме на формирање нова подсекторска група во министерството за млади, и изработка на посебна програма за млади фармери, вели Николовски.

Тој додаде дека во таа насока, во тек е организацијата на студиско патување на млади земјоделци и фармери од Северна Македонија во Словенија, од која што ќе можат директно да го црпат позитивното искуството, за да може веднаш по нивното враќање, преку формирањето на координативна група да се отпочне процесот на формирање на потсекторската постојана група за млади во министерството, која потоа ќе креира посебна програма за млади фармери.