„Сувенир из Сарајева“: „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme“ промовираа песна и спот


Македонскиот трибјут бенд  „Бело Копче – Tribute Bijelo Dugme“, предводен од  познатите музичари Стевче Грозданов – гитара и пејачот Зоран Рудан – Цекисиноќа, во скопскиот мјузик бар „Интермецо“, приредија незаборавна ноќ за паметење.

Досега „верно на оригиналот“ и со музика и со изглед и со својот сценски настап го пресликуваа најголемиот рок ен рол бенд на сите времиња на овие простори, а однеодамна и со сопствена авторска музика, чиј старт го одбележа нивната прва песна и видеото за неа, насловена како „Сувенир из Сарајева“ (Сувенир од Сараево), која заедно со видеоспотот за неа  пред македонската публика беше промовирана на најдобар можен начин.

Пред присутните гости во ноќниот клуб, познатиот македонски музички новинар и ТВ водител Антонио Димитриевски присутните ги запозна со деталите за првото авторско чедо на бендот и видеоспотот за него.

Музиката е на стариот проверен мајстор и хит мејкер Саша Драгиќ, текстот го напишал  Владимир Митровиќ, а аранжманот го направил Стевче Грозданов. Песната  е снимена во студиото „Целофан“ во Скопје, додека миксот и мастерингот ги направил Горан Гешовски.

На песната совршено се надоврзува едноставното, но мошне функционално видео во кое покрај членовите на бендот се појавува познатата македонска актерка Катерина Шехтанска, како фотографката на групата во видеото, кое го потпишува AleXanDeR, псевдоним зад кој се крие името на Александар Ристовски Принц.

По презентацијата на видеозаписот, бендот ја отсвире „Сувенир из Сарајева“ премиерно и во живо, но вистинската рок ен рол „копче-дугме“ забава допрва ќе следува, откако бендот по кусата пауза за костимирање се врати на сцената, за потоа во два и пол часа жива свирка на присутните да им приреди вистинско аудиовизуелно уживање „за сите пари“. Стевче, Цеки, Боби и дружината „ги прошетаа“ присутните во клубот низ сите фази на „Бијело дугме“ свирејќи ги и буквално „верно на оригиналот“ нивните незаборавни хитови.