Сугарески: Реконструкцијата на патот од Гостивар до Кичево ќе заврши до јуни

Околу 8 милиони евра се инвестираат во реконструкција на патниот правец од Гостивар до Кичево, соопшти министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при постата на општина Кичево, каде изврши увид во реконструкција на патниот правец Гостивар – Кичево и додаде дека годишно од тука поминуваат повеќе од четири милиони возила.

„Вкупно 8 милиони евра се инвестираат преку Јавното претпријатие за државни патишта за реконструирање на патниот правец од Гостивар до Кичево. Претходно ја реконструиравме делницата од Гостивар до Колари и дополнително уште пет мостови. Некаде октомври минатата година започнавме и со реконструкција на оваа делница од Колари до Кичево, но заради временските услови имаше мал застој. Започнато е со интензивно асфалтирање  и очекуваме целиот проект да се заврши до крај на јуни за да може пред летната сезона да овозможиме побезбедно возење на оваа траса. Дополнително сакам да истакнам дека се работи насекаде низ државата и очекувам голема реализација на капиталните инвестиции оваа година”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Тој информираше дека активно се работи и на изградба на автопатот од Кичево до Охрид и најави дека оваа година ЈП за државни патишта ќе заврши со проектирање на првата фаза (Кичево – Букојчани) за изградба на нов автопат Гостивар – Кичево.

Генерално силно сме фокусирани за обезбедување на квалитетна инфрастурктурна мрежа насекаде низ државата и за тоа се реализираат преку милијарда евра инвестиции, истакна министерот Сугарески.