Судскиот совет му го одзеде имунитетот на врховниот судија Георгиев и одобри негов притвор

Георгиев вчера беше уапсен за примање примање награда за против законито влијание, а бил лишен од слобода додека го вршел кривичното дело


Фото: Б. Грданоски

 

Судскиот совет  на итната седница на полноќ му го одзеде имунитетот на врховниот судија Наќе Георгиев со што го одобри неговиот притвор, а го оддалечи и од вршење на судиската функција.

Како што соопштија од Судскиот совет, на седницата се расправаше и одлучуваше по барање на Основен кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор на судија.

„Судскиот совет го одзема имунитетот на судија на Врховниот суд на РСМ, заради непречено водење на кривичната постапка. Го одобри барањето за одобрување на притвор на судија на Врховниот суд на РСМ поднесено од судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје и времено го оддалечи од вршење на судиската функција судијата на Врховниот суд на РСМ, до правосилно завршување на кривичната постапка“, се наведува во соопштението.

Георгиев вчера беше уапсен за примање примање награда за против законито влијание, а како што соопшти полицијата,  бил лишен од слобода додека го вршел кривичното дело.

Инаку, Судскиот совет синоќа одлучи да биде затворена за јавност седницата на која расправа по барањето на Основниот кривичен суд Скопје за одземање на имунитетот и за одобрување на притвор на врховниот судија кој се сомничи за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Одлуката да биде седницата затворена беше донесена едногласно заради заштита на угледот и интегритетот на судијата, согласно член 39 став 2 од Законот за Судски совет.

Претходно, Министерството за внатрешни работи соопшти дека денеска е уапсен врховен судија поради основано сомнение за сторено кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Судијата, како што информираше МВР, е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело.

Наводно, судијата бил пријавен од лице кое тврдело дека му бил баран поткуп со ветување за олеснителни околности во судски случај. Се шпекулира дека станува збор за поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев поврзан со трговија со марихуана. Тој беше еден од десетте уапсени откако во март годинава полицијата откри криминална група која печалела пари од продавање дрога која потекнува од фирма којашто била регистрирана за одгледување канабис за медицински цели, со сомневање дека токму Стојчев ја предводел групата.

Пред да биде избран за врховен судија Георгиев беше претседател на Апелацискиот суд Штип. Токму за неговото работење во времото кога бил претседател на тој суд, за него имало претставка до Судскиот совет, како и за уште двајца судии од истиот суд. Судскиот совет ги разреши другите, но претставката за Георгиев половина година не беше ставена на дневен ред. Се најде на масата дури откако тој се кандидираше за член на Судскиот совет откако беа испразнети две места.

Само еден ден пред да се утврди неговата кандидатура за член на Судскиот совет, ова тело ја запре постапката против Георгиев. При разгледување на претставката наводно мнозинството членови гласале дека тој не треба да биде разрешен, по што на 13 јули 2023 година тој беше избран за член на Судскиот совет. Сепак, по две недели не даде свечена заклетва и си даде оставка во Советот, откако беше утврдено дека за истиот ден е закажан и избор на судии од кандидатите за судии, меѓу кои е и неговиот син. Тој избор ќе беше во спротивност со Законот за судови, според кој, за судија не може да биде избрано лице кое со член на Судскиот совет е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.

Георгиев (61) е роден во Струмица и таму ја почнал судската кариера. За судија во Основен суд Струмица бил избран во септември 1997 година, во јуни 2004 година станал судија на Апелацискиот суд во Штип, а во ноември 2017 бил избран за претседател на тој суд. Во февруари 2020 година беше избран за судија на Врховниот суд и работел во Одделот за граѓански дела.