Судскиот совет му го одзеде имунитет на судијата Ѓоко Ристов
Судскиот совет денеска на итна седница со 10 гласа „за“ му го одзеде имунитетот на апелацискиот судија Ѓоко Ристов и го одобри предлогот за определување мерка куќен притвор, по барање на Основниот кривичен суд Скопје. Членовите на Судскиот совет со 10 гласа „за“ одлучија судијата Ристов времено да се оддалечи од вршење на судиската функцијата.
Осомничениот апелациски судија се товари за кривичните дела противправно стекнување и прикривање имот и перење пари и други приноси од казниво дело бидејќи во домот на неговите родителите во Неготино полицијата пронашла 350.000 евра заѕидани во ѕид за кои постои сомневање дека се незаконски стекнати.
Претходно денеска, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог на осомничениот судија Ристов да му биде определена мерка куќен притвор.
Освен оваа мерка, како што дополнија, предложено е и определување мерка на претпазливост – привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање.