Судскиот систем во Грција на Мицотакис – шпионски скандали, беззаконие и неказнивост


Секој пат кога Грција ќе ја потресе трагедија или скандал, властите  ветуваат дека „судот ќе го реши случајот“.

Ова го вети премиерот Кирјакос Мицотакис кога во 2022 година беше откриено дека политичарите, новинарите и бизнисмените биле следени – и легално од грчката разузнавачка служба ЕИП и со помош на нелегалниот софтвер „Предатор“. Истрагата на новинарите од Inside Story покажа дека најмалку 27 лица биле прислушувани речиси истовремено легално и незаконски од 2020 година. Меѓу нив, шефот на опозициската партија ПАСОК, Никос Андрулакис, тогашниот министер за животна средина и актуелен министер за финансии Костис Шацидакис и началникот на Генералштабот на армијата Константинос Флорос.

Покрај тоа, висок полициски истражител назначен да го истражи убиството на новинарот Јоргос Караиваз, како и неколку други новинари беа жртви на надзорот. Денес, среде лето, кога Атина е празна, а целата земја е на одмор, грчкиот судски систем го „расчисти случајот“ – и ги растовари сите инволвирани од секакви престапи.

На 30 јули 2024 година, обвинителката на грчкиот Врховен суд, Џорџија Аделини, објави дека нејзината истрага не нашла „никаков доказ“ дека политичари или владини агенции биле вклучени во купувањето или користењето на израелскиот шпионски софтвер Предатор. Така, обвинителството повлече правна линија за скандалот со прислушувањето кој стана познат како „грчки Вотергејт“. Грците никогаш нема да ја дознаат вистината.

Обвинителот смета дека е чиста случајност што политичарите, државните службеници и новинарите биле истовремено шпионирани и легално од тајната служба ЕИП и незаконски од софтверот „Предатор“ инсталиран на паметните телефони. Практиките на Тајната служба, вели таа, се легални во секој поглед. Тајната служба има право да прислушува кого било  „од причини на националната безбедност“ без никогаш да одговара. Доволно е ако обвинителот одобри барање. Само во 2021 година биле одобрени над 22.000 вакви барања. Затворањето на досиејата значи дека грчката јавност никогаш нема да знае зошто шефот на социјалистичкиот ПАСОК или началникот на Генералштабот биле прислушувани од тајните служби. Дали тоа беше „грешка“, како што призна премиерот Мицотакис во 2022 година? Или дали овие луѓе навистина беа закана за националната безбедност? Остануваат отворените прашања.

Впечатлива е неподготвеноста на властите да ги истражат нападите со нелегално прислушување. Ова е во целосна спротивност со друга практика во Грција, каде што секој што случајно фотографира касарна, му се суди за шпионажа. По затворањето на досиејата, многу прашања остануваат неодговорени: Дали скандалот е поврзан само со нарушување на приватноста на комуникациите, како што се вели во соопштението на Врховниот суд? А кој всушност го иницирал прислушувањето – странски сили или некој од премиерскиот кабинет?

Преку контроверзната реформа донесена во јули 2019 година, непосредно по доаѓањето на власт на конзервативната Нова демократија (НД), ЕИП стана директно подредена на премиерот. Европа остана како  последната надеж за Никос Андролакис, опозицискиот политичар кој бара конечно појаснување. Така тој повторно се обрати до Европскиот суд за човекови права. Неколку дена по соопштението на Врховниот обвинител, лидерот на ПАСОК во парламентот зборуваше за „загадувањето“ на грчкиот правосуден систем. Андрулакис лично го обвини премиерот дека прво ги заробил разузнавачките служби, а сега и правосудниот систем и зборуваше за двоен скандал – „со надзор и прикривање“.

Сите опозициски партии – освен оние од десната страна на владејачката Нова Демократија – протестираа против одлуката на обвинителот  Аделини и бараа да одговори на прашања пред надлежната собраниска комисија. Но, владата со своето парламентарно мнозинство го одби предлогот. Не е ни чудо што довербата на Грците во судскиот систем видно опаѓа. Според истражувањето на институтот Етерон, спроведено по повод 50-годишнината од обновувањето на демократијата во Грција, само 29,4 отсто од јавноста има доверба во судскиот систем на земјата. Сега кога Врховниот суд ја прикри аферата со прислушувањето, не се очекуваат подобрувања.

Напротив. Грчката унија за човекови права, единствениот набљудувач во земјата за квалитетот на судската пракса, истакна дека „позицијата на обвинителството покренува сериозни прашања за непристрасноста и независноста на судството, особено за политички чувствителните прашања“.  Длабока загриженост изрази и претседателството на здружението на новинари ЕСИЕА. Обвинителството очигледно не ги искористило резултатите од новинарската истрага во својата истрага. По повеќе од две години, клучното прашање за слободата на печатот во земјава останува неодговорено: Како ќе се осигура дека новинарите повеќе не се предмет на незаконско следење? Како ќе се осигура дека новинарите можат безбедно да ја вршат својата работа?

Случајот со Јоргос Караиваз покажува дека сè уште нема задоволителен одговор на овие прашања. Истражувачкиот новинар специјализиран за организиран криминал беше убиен на улица на 9 април 2021 година. Две години подоцна, неговите наводни убијци беа уапсени. Но, на 31 јули 2024 година, поротата во Атина со мнозинство ги прогласи за невини и ги ослободи. Се уште нема трага од нарачателот на убиството на Караиваз. Жртва на ЕИП и Предатор бил и полицаецот задолжен за истрагата за убиството.

Здружението на новинари е длабоко загрижено бидејќи „чувството на неказнивост за убиствата на новинарите расте“ и силно бара правда за Јоргос Караиваз. ( Дојче Веле)