Судски процес во Франција поради таблети за слабеење, сомнеж дека предизвикале смрт на 2000 лица
Во Франција започна судењето против приватната лабораторија „Сервиe“, регулаторната агенција за безбедност на лековите и 21 обвинет, поради таблетите „медијатор“ за слабеење, за кои се претпоставува дека довеле до 2.000 смртни случаи.
Случајот предизвика критики од јавноста во Франција, а властите соопштија дека постои можност пет милиони пациенти биле изложени на „медијатор“ пред да биде повлечен од пазарот во 2010 година.
Лекот на „Сервиe“ бил развиен за пациенти со прекумерна телесна тежина со дијабетес тип 2, но бил пропишуван и за намалување на апетитот.
Сервиe, една од најголемите приватни лаборатории во Франција, е обвинетa за прикривање на штетните ефекти на лекот, АНСМ е обвинета за незаинтересирност и нереагирање во спречувањето на смртните случаи на пациентите.
Помеѓу 1976 и 2009 година, и покрај тоа што имало сомнение дека лекот предизвикува проблеми со срцето и белите дробови, тој бил препишан на речиси пет милиони пациенти.
Некои жени, кои биле здрави кога започнале со употреба на лекот, изјавиле дека не можат да се качуваат по скали и се здобиле со трајни кардиоваскуларни проблеми што ја ограничиле нивната способност во секојдневниот живот. Досега Сервие плати речиси 132 милиони евра отштета.