Судот во Стразбур ја осуди забраната за изглегување на Ромите од Македонија во времето на Гордана Јанкулоска
Правдата стигна многу доцна, но сепак е правда. МВР од 2011 до 2016 незаконски им забрануваше на Роми да ја напуштат државата под премолчено образложение да не го довеле во опасност безвизниот режим со ЕУ
Праксата која пред десетина години ја вознемири македонската јавност – Роми да се враќаат од границата поради тоа што патувале кон западните земји, доби свој епилог и во Европскиот суд за човекови права. Судот во Стразбур донесе пресуда во случајот „Мемедова и другите против Северна Македонија“ и утврди дека на четири лица, граѓани на С. Македонија, припадници на ромската етничка заедница, им било повредено правото на слобода на движење и забраната за дискриминација од страна на граничните служби.
Овие четири лица се меѓу многуте жртви на незаконската пракса која ја применуваше МВР во период од 2011 до 2016 во периодот кога со него раководеше Гордана Јанкулоска. Тогаш на лицата од ромската етничка заедница им беше честопати забранет излез од државата, без законска основа и честопати на начин со кои се повредува нивното човеково достоинство. Ова забрана за излез на сопствените граѓани беше оправдувана со опасноста наводно да се загубел безбизниот режим со ЕУ, иако тоа беше сериозно нарушување на човековите права. Тоа беше оправдувано со Дури по големите реакции на јавноста во подолг период оваа незаконска пракса беше укината.
Македонското здружение на млади правници (МЗМП), во соработка со тим од адвокати и со Европскиот центар за правата на Ромите обезбедуваше правна помош на овие лица за водење на постапки пред домашните судови. Во одреден дел овие постапки беа успешни, а во одреден дел не. За четирите лица, за кои се однесува одлуката од Европскиот суд за човекови права МЗМП обезбеди адвокати и ги покри трошоците за водењето на постапките вклучувајќи го и изготвувањето на жалбите и застапувањето пред Европскиот суд за човекови права.
Со оваа одлука практика на државните органи која погрешно се оправдуваше како заштита на штотуку воспоставениот безвизен режим, доби и квалификација од страна на Европскиот суд за човекови права како дискриминаторска и која спротивно на Европската конвенција за човекови права ја ограничуваше слободата на движење на нашите сограѓани од ромската етничка заедница.
ЕСЧП утврди дека жалителите, сите од ромска етничка припадност, се соочиле со дискриминација од рацете на граничните полицајци. Пресудата нагласува дека таквата дискриминација е кршење на основните човекови права. Исто така, правото на апликантите на слобода на движење беше непобитно повредено како и сторената дискриминација. Судот утврди дека тие биле издвоени исклучиво поради нивната ромска етничка припадност. Во одлуката беше забележано дека дејствијата на службениците и органите за гранична контрола немаат какво било објективно или разумно оправдување.