Судот во Њујорк ја поништи пресудата за силување од 2020 против Харви Вајнстајн
Врховниот суд во Њујорк ја укина пресудата на холивудскиот продуцент Харви Вајнстајн осуден на 23 години затвор за силување.
Пресудата, која некогаш беше поздравена како победа на движењето #MeToo против сексуалното недолично однесување, сега е поништена, бидејќи, според Би-Би-Си, Вајнстајн не добил фер судење.
Според одлуката на Апелациониот суд, судијата што го надгледувал судењето на Вајнстајн направил грешка дозволувајќи им на жените чии обвиненија не биле дел од случајот да сведочат.
Во пресудата се вели дека ова значи дека му се суди за неговото однесување во минатото, а не само за злосторствата за кои беше обвинет. Со оваа одлука, донесено е и решение за нов судски процес.
Во пресудата од 2020 година, Вајнстајн беше осуден на 23 години затвор под обвинение за принуден орален секс во 2006 година и силување на актерка во 2013 година.
Но, 72-годишниот Вајнстајн ќе остане во затвор поради посебна пресуда за силување.
Во второто судење за силување и сексуален напад на една од четирите жени кои го обвинија во Лос Анџелес, тој беше прогласен за виновен во 2022 година и осуден на дополнителни 16 години.
Случајот на еден од некогаш најмоќните и најуспешните продуценти во Холивуд, беше меѓу најистакнатите што произлезе од движењето #MeToo, кое откри сексуална злоупотреба и недолично однесување на највисоките нивоа во холивудската филмска индустрија и пошироко.
Вајстајн, шефот на студиото зад некои продукции наградени со Оскар, како што се „Pulp Fiction“ „Вљубениот Шекспир“ и други, тврди дека е невин и дека секоја сексуална активност била консензуална.
Повеќе од 80 жени излегоа со обвинувања за сексуален напад и недолично однесување против Вајнстајн, кои се протегаат неколку децении. Меѓу нив беа и популарни актерки како што се Ешли Џад и Ума Турман.