Судот им ги одзеде пасошите на четири лица во истрагата за Лотарија


Фото: Б. Грданоски

 

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство, одреди мерки за претпазливост против четири лица опфатени со истрагата за „Државна лотарија на РСМ“. Лицата се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување. 

Како што информираат од Основен кривичен суд Скопје, одземени им се патните исправи и наложено е и редовно јавување на службено лице, а доставен е и предлог за определување мерка притвор против две лица. 

„Воедно, до судија на претходна постапка доставен е и предлог за определување мерка притвор против две лица опфатени со истата истрага, која мерка започнува да се спроведува од нивно пронаоѓање. За тоа судот е во фаза на постапување. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет, дополнуваат од Кривичен.

Мерките произлегуваат по истрагата на Обвинителството против две лица за проневера и четири лица за злоупотреба на службена положба. Двајцата соизвршители како одговорни лица во Државна лотарија, нанеле штета од 501.319.119 денари на друштвото преку незаконски набавки на видеолотариски терминали.

Првоосомничениот предложил набавка на терминали, иако знаел дека е незаконска, а второосомничениот ја поддржал набавката како вицепремиер. Терминалите никогаш не биле употребени.