Судијата нема да биде променет на барање на Палчо – сведокот Трајковски е недостапен
Претседателот на Кривичен суд, Иван Џолев, одбил да го промени судијата Ивица Стефановски од судечкиот совет во предметот за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Ова го бараше првообвинетиот Љупчо Палевски-Палчо, а одлуката ја добил на ден пред новата година.
Обвинетиот Палевски на претходното рочиште, на 20 декември, побара да се изземе претседателот на судечкиот совет Ивица Стефановски, затоа што, како што рече, тој бил необјективен, пристрасен и не му дозволил правична одбрана, како и дека не го барал оружјето со кое се извршени убиствата кај другите обвинети.
Истовремено, на судењето не е присутен Гоце Трајковски, кој е еден од клучните сведоци кога станува збор за потрагата на Вања. Тој заедно со таткото собирал видео снимки, преземал активности за пронаоѓање на детето.
„ПС Бит Пазар известува дека не му извршена достава на поканата на Гоце Трајковски, истиот не е достапен на органите на прогонот на наведената адреса“, рече судот.
Истовремено, Обвинителството останува на барањето Гоце Трајковски да биде испитан како сведок.
„За него ОЈО не го повлекува предлогот за негово испитување бидејќи по завршување на постапката тој може да стане достапен на органите на прогонот и да биде испитан во полза на оваа постапка“, рече обвинителката.
Трајковски не е достапен откако против него, Обвинителството започна друга постапка каде е осомничен, а се однесува на запален објект во Кисела Вода.