Судан: 58 полицајци повредени, 114 уапсени за време на протест


 Суданските власти денеска соопштија дека 58 полицајци биле повредени за време на протест претходниот ден против воениот удар, јави државната телевизија. Во соопштението на Комитетот за безбедност на Картум се додава дека 114 лица се уапсени и се соочуваат со судски процес. Демонстрантите повторно протестираа во Картум и други судански градови вчера против воениот удар во октомври, и покрај тоа што безбедносните сили се обидоа да ги блокираат со солзавец и да ги прекинат телекомуникациите.

Безбедносните сили употребиле солзавец за да ја растераат толпата, а Централниот комитет на суданските лекари соопшти дека за време на протестот биле повредени 178 лица, од кои осум наводно биле ранети со боева муниција. Протестите против пучот продолжија дури и откако минатиот месец беше вратен соборениот премиер Абдула Хамдок, а демонстрантите бараа армијата повеќе да не учествува во владата и да се распишат слободни избори.