Историска одлука: Суд во Њујорк покрена обвинение против Трамп за исплата на мито на порно актерка

Ова е првпат во историјата на САД поранешен претседател да биде обвинет за кривично дело


 

Големата порота на Менхетен синоќа покрена обвинение против поранешниот претседател Доналд Трамп за исплата на кампањски средства на порно актерката Сторми Дениелс за да премолчи дека имала односи со него.

Ова е првпат во историјата на САД поранешен претседател да биде обвинет за кривично дело. 

Трамп за некои медиуми потврди дека во вторник идната недела добороволно ќе се предаде во полициската станица во Менхетн. Според процедурата тој треба да биде задржан, да му бидат одземени отпечатоци и да се слика за полициско фото како и сите уапсени. Потоа, со лисици на рацете треба да се појави пред судија и да се изјасни дали чувствува вина или не. 

Обвинението е за ненасилен злостор па се очекува да биде пуштен да се брани од слобода без кауција. Сепак, случајот е уникатен, бидејќи како експретседател, Трамп ќе дојде во придружба на тајната служба, па не се знае дали ќе му бидат ставени лисици. 

Новинарски екипи од САД и целиот свет уште сега се собираат пред судот во Њујорк да известуваат од овој настан без преседан во американската историја.  

Сѐ уште не се објавени детали од обвинението покренато по повеќемесечна истрага на Окружниот обвинител на Менхетн, демократот Алвин Брег. Набљудувачите сметаат дека ова може да влијае врз плановите на Трамп да се кандидира за претседател. Тој претходно изјави дека нема да се откаже од кампањата и во случај да биде покренато обвинение против него, бидејќи отфрли секаква вина. Ветува дека ќе прави спектакл од сето ова. Минатата недела испушти бомба во јавноста дека ќе биде уапсен од полицијата, и дека поради тоа наводно се спремаат насилни протести, во меѓувреме интензивно собира средства за неговата кампања од подржувачите. 

Поранешниот адвокат на Трамп, Мајкл Коен, во 2019 година сведочеше пред Конгресот дека добил задача од Трамп да исплати средства земени од кампањската каса за молчењето на Дениелс и на уште една жена, Карен Мекдугал. Тоа се случувало неколку денови пред претседателските избори во 2016 година, кога Трамп извојува победа над противкандидатот, демократката Хилари Клинтон. 

Федералното обвинителство почна да го разгледува случајот Дениелс во 2018 година, по што Коен беше обвинет и осуден на затворска казна, но Трамп тогаш избегна тужби. 

Покренувањето обвинение за поранешен претседал е „скандалозно“, така го опиша овој чин Мајк Пенс, кој служеше како потпретседал на Трамп.  

Во интервју за Си-Ен-Ен тој укажа дека случајот е слаб и може да биде отфрлен од судијата. И останати републиканци застанаа на страната на Трамп и коментираа дека ова е „политички лов на вештерки“, против поранешен републикански претседател и обид на „радикалната левица“ да ја подели нацијата.

 
Трамп: Ова е политички прогон и лов на вештерки

 

Ова е политички прогон и мешање во изборите на највисоко ниво во историјата. Од времето кога се симнав по златниот ескалатор на кулата Трамп, па дури и пред да положам заклетва како ваш претседател на САД, радикалните леви демократи – непријателот на вредните мажи и жени во оваа земја – беа вклучени во лов на вештерки за да го уништат движењето „Направи ја Америка повторно голема“, рече Трамп во обраќањето откако големата порота на Менхетен гласаше да се покрене обвинение против него поради наводни исплати на порно глумицата Сторми Даниелс.

„Демократите лажеа, мамеа и крадеа во нивната опсесија да се обидат да го ‘добијат Трамп’, но сега го направија незамисливото – обвинија целосно невина личност за чин на очигледно мешање во изборите“, рече Трамп.

„Никогаш досега во историјата на нашата нација тоа не било направено. Демократите мамеа безброј пати во текот на децениите, вклучително и шпионирање на мојата кампања, но никогаш порано не се случило да се искористи судскиот систем за да се казни политички противник, кој случајно е претседател на САД и водечки републикански претседателски кандидат“, нагласи тој.

Поранешниот американски претседател го обвини Џорџ Сорос дека лично го избрал и го финансирал обвинителот и истакна дека тоа е срамота.

„Наместо да го запре невидениот бран на криминал што го зафати Њујорк, тој ја врши валканата работа на Бајден, игнорирајќи ги убиствата, кражбите и нападите кои треба да бидат во фокусот“, рече Трамп.

Тој верува дека овој „лов на вештерки ќе му се удри од глава на Бајден“.

„Сите можат да го видат тоа. Нашето движење и нашата партија – обединета и силна – прво ќе го победат обвинителот, а потоа ќе го победиме Бајден и ќе ги симнеме сите овие нечесни демократи од функцијата, па ќе ја направиме Америка повторно голема“, заклучи Трамп.

 

Прочитајте и:

Која е порно ѕвездата поради која Трамп може да оди во затвор