Суд го одби барањето на Гилејн Максвел за поништување на пресудата за помагање на Епстин
Њујорк – Американски судија го одби барањето на Гилејн Максвел, поранешна соработничка на Џефри Епстин, за поништување на пресудата и казната од 20 години затвор за помагање на покојниот финансиер и осуден сексуален престапник во злоупотребата на малолетни девојчиња.
Во одлуката која беше објавена денеска, американскиот окружен судија Пол Енгелмајер од Менхетен оцени дека сите наводи на Максвел се неосновани, а дека „речиси сите, односно сите освен евентуално еден, биле несериозни и без правна основа“.
Максвел беше осудена во 2021 година по повеќе точки поврзани со врбување и сексуална трговија со малолетнички, а во 2022 година беше осудена на 20 години затвор. Нејзината пресуда веќе беше потврдена од сојузниот апелациски суд, додека Врховниот суд на САД во 2025 година одби да ја разгледува нејзината жалба.
Во новата постапка Максвел, која се застапува самата себеси, се обиде да ја оспори пресудата изнесувајќи повеќе правни аргументи. Обвинителството претходно оцени дека таа не успеала да покаже основа за поништување на пресудата.