Студентите во Нови Сад го блокираа влезот на судовите, бараат ослободување на приведените

Студентите учесници во блокада на факултетите на Универзитетот во Нови Сад и граѓани денеска го блокираа влезот на зградата на правосудните органи во градот, во знак на протест против, како што наведуваат, неосновани апсења. Тие се распоредија на сите четири влеза и не дозволуваат никој да влезе. Полицијата е присутна во објектот и зад оградата на задниот влез, додека вработените стојат во близина, но не влегуваат, пренесува Бета.
Демонстрантите прават бучава со свирчиња, вувузели и тапани. Сообраќајот по улицата Сутјеска не е блокиран.Студентите порачаа дека оваа блокада е чин на отпор „против неоснованите апсења и правното насилство што овие денови се спроведува врз нашите колеги и пријатели“.
Тие бараат веднаш да бидат ослободени сите кои, како што тврдат, се притворени без докази, а против кои се поднесени тешки кривични и прекршочни пријави, меѓу кои и за напад врз службено лице, насилничко однесување, нарушување на јавниот ред и мир и дури и за обид за тешко убиство.
Српските медиуми пренесуваат дека додека траат блокадите на судската зграда, утринава е уапсен опозицискиот член на Движењето за слободни граѓани во Парламентот на Војводина, Радивој Јововиќ.Јововиќ, како што пишува регионалсниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ), е приведен пред еден од страничните влезови на судската зграда.
„Пратеникот Јововиќ претходно го спречи обвинителот Слободан Јосимовиќ да влезе во судската зграда. Станува збор за обвинителот ангажиран во случајот со падот на натстрешницата на железничката станица, кој го води Вишото јавно обвинителство во Нови Сад“,се додава во написот на РСЕ.
Според студентите, на 12 нивни колеги им е изречен притвор до 30 дена. Шестмина се товарат за обид за тешко убиство поради наводен напад врз припадници на специјалната единица на воената полиција „Кобри“ за време на протестите минатата недела. Петмина се во затвор во Клиси, а еден е во домашен притвор со електронски надзор поради влошена здравствена состојба.
Протестите пред судот започнаа вчера и завчера, по што беше донесена одлука денеска да се почне со блокада.