Студентите на Катедрата за современ танц ќе настапат во Италија во рамките на проектот „УГД – Чекор кон светот“
Студентите на Катедрата за современ танц, во рамките на вториот дел на проектот „УГД – Чекор кон светот“ кој започна на 16 август, ќе ја остварат својата пракса со Скопје танцовиот театар, истакнаа организаторите на проектот и додадоа дека студентите се подготвуваат за меѓународно гостување во Италија.

Како што соопштија, во рамките на реномираниот Верона Шекспир Фринге Фестивал, Скопје танцовиот театар ќе настапи во театарот „Камплој“, на 29 август со почеток од 21 часот, со претставата „Лејди Магбет“ на кореографката и професорка Рисима Рисимкин.
– Ова е извонредна можност за студентите да се вклучат во професионална продукција и да гостуваат на светската уметничка сцена, со што УГД им овозможува комплетен уметнички развој и пласман на меѓународно ниво, истакнаа организаторите.

Во рамки на фестивалската програма, најавија дека на 28 август со почеток од 18 часот, на сцената на „Камплој“ театарот во Верона ќе се одржи сесија посветена на претставата „Лејди Магбет“ на Рисима Рисимкин, на која предвидено е да присуствуваат уметници од фестивалската програма, режисери, менаџери и студенти на Универзитетот од Верона и истражувачкиот центар при универзитетот „Skenè Centre“.
Целта на фестивалот е да ја спои работата на истражувачите и уметниците кои ги напуштаат претходно поставените граници, да овозможи нови начини на изведба, прием и пренос на уметничките пораки, тој создава можности за публиката да доживее разновидна низа на имагинативни одговори на делата на Шекспир.

Во периодот на фестивалската програма, покрај размена на професионални уметнички искуства, студентите од повеќе земји кои се посветени на нови уметнички искуства, ќе имаат можности за претставување на своите дела и програми, како размена на нови уметнички енергии и дострели. Студентите на Катедрата за современ танц при УГД активно ќе се вклучат во сите домени на фестивалската програма, кои потоа ќе можат да ги споделат со своите колеги во земјава.