Студенти ќе изработуваат фотографии, текстови и документарен филм за зачувување на Старата чаршија

Да се сензибилизира публиката, посебно младите генерации на важноста да се сочува културното наследство, да се стимулира нивната креативност преку мултикултурни ателјеа и убаво да се разбере историјата на стариот град со цел подобро да се осмисли иднината. Ова се целите на француско-германскиот проект „Старата скопска чаршија – Визија за иднината“, кои денеска ги истакна францускиот амбасадор во земјава Кристоф ле Риголер.
Проектот го отворија амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјава Петра Дрекслер и францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер, кој подвлече дека меѓу Франција и Германија има долга традиција на заедничка соработка во трети земји, најмногу на културен план, но и во други области. Посочи дека постои традиција на соработка и меѓу двете амбасади, Гете институтите и Француските институти ширум светот.
– Наша заедничка желба е да дадеме поддршка на нешто што ни е при срце, тоа е заштита на културното наследство, а посебно потпирајќи се на младите кои ќе го реализираат тој проект. Со еден силен мултикултурен акцент, кој е за нас многу важен. Сметаме дека земјата во која сме има и свој дел да сподели на мултикултурен и меѓурелигиски план, на начинот на кој се одвива животот. Таа порака, тој дијалог е вкоренет во едно минато, но тоа е порака и на политичка волја и желба денешна, како и желба на младите, потенцира францускиот амбасадор Ле Риголер.
И германската амбасадорка Дрекслер истакна дека се работи за француско-германска соработка, односно Гете институот и Францускиот културен институт ширум светот се партнери и овозможуваат да се препознат различните перспективи.
– Во овој наш германско-француско-македонски проект станува збор за луѓе за кои имаат најразлични искуства и кои ќе работат на ова. Вие сето ова ќе го преточите во однос на тоа како гледате на стариот град на Скопје. Искуството кое го носите со себе ќе влијае на тоа како го гледате градот. Верувам дека ќе има и некои изненадувања во однос на тоа како ќе го искористете приуството на експерти во оваа тема. Се надевам дека ќе ви успее од најразличните впечатоци и перспективи кои ги имате да развиете една заедничка перспектива, рече Дрекслер.
Во проектот ќе учествуваат околу 20 македонски студенти, а предвидени се пет работници, кои главно ќе се одвиваат во Старата скопска чаршија и во институтите. Студентите ќе работат со експерти, меѓу кои ќе има и гостин фотограф од Германија. Ќе се одржи работилница за фотографија со студенти од Факултетот за ликовна уметност – Скопје. Со француска писателка студентите од Катедрата за француски јазик ќе творат и ќе напишат текстови на тема: „Чаршија“. Со студентите од Факултетот за драмски уметности – Скопје ќе се сними краток документарен филм, ќе има работилница со професорката од Архитектонскиот факултет во Скопје проф. д-р Дивна Пешиќ, историски дел со студентите од Катердрата по историја со професорката Даниела Николова. Идејата е по овие три дена во рамки на манифесатцијата „Бела ноќ“ во Сули ан да се направи презентација и предвиден е концертот „Париз-Берлин-Скопје“ со диџеите Бојан Јанев, Дарко Јорданов и диџеј од Париз.