Струмичкиот карневал ќе се одржи на 25 февруари


Главната карневалска вечер на годинашното издание на Интернационалниот струмички карневал ќе се одржи на 25 февруари.

Организациониот одбор на карневалот го објави плакатот за карневалот, но засега не се соопштуваат повеќе детали освен дека главниот настан-дефилето на карневалските групи од земјава и странство ќе се случи на 25 идниот месец.

Традиционално карневалските празнувања во Струмица траат повеќе денови во кои се организираат најразлични настани, а вообичаено карневалот почнува со свечено предавање на клучот од градот од градоначалникот на карневалистите.

Инаку, датумот на одржување на Струмичкиот карневал секоја година е различен, бидејќи се поврзува со почетокот на големиот велигденски пост кој почнува секоја година на верскиот празник Прочка и трае 40 денови.

Годинава Прочка е на 26 февруари (недела), кога традиционално се одржува Детскиот карневал.