Струмица пред Скопје добива електричен јавен превоз
Општина Струмица денеска ги добива десетте автобуси за воведување на електричен јавен превоз. По тој повод во просториите на „Аутомакедонија“ во Скопје ќе се одржи информативна средба на која може да се погледнат пристигнатите автобуси.
На настанот ќе присуствуваат и изјави ќе дадат градоначалникот Костадин Костадинов и Драги Поп Стојанов, директор на ЈСП „Струмица-Транспорт“.
Инаку, Општината набави десет електрични автобуси, кои чинат седум милиони евра и се купени по пат на лизинг.
Според информацијата од директорот на ЈСП „Струмица-Транспорт“, Поп Стојанов, од 1 до 6 септември е договорено електричните автобуси да стасат во Струмица, а на 11 септември, на Денот на ослободувањето на градот, ќе почне пробниот период на возење на автобусите.
Скопје пред шест години, во мандатот на градоначалникот Шилегов, воведе пробен нов електричен автобус за кој Градот Скопје потпиша договор со компанијата Chariot Motors за пробно користење, кој сообраќаше на линијата 15 – 6 месеци. Станиците за полнење на крајните постојки во Ново Лисиче и во Карпош 4 веќе беа поставени од ЕВН. Електричниот јавен превоз, за жал, не проработи во главниот град.
Автобусот е направен во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија. Станува збор за енергетски ефикасен автобус кој троши минимално количество електрична енергија и е опремен со систем за брзо полнење. Најголемата предност е тоа што воопшто нема емисија на издувни гасови што го загадуваат воздухот – рече градоначалникот Шилегов на денешната презентација на новиот електричен автобус.
Во Скопје веќе сообраќаат два екоавтобуси на гас, на линијата број 5 и на линијата број 2.