Струјата најмногу поскапе за потрошувачите од третиот и четвртиот блок, еве ги износите

Марко Бислимоски рече дека доколку се прифатело барањето на ЕВН хоум, цената на струјата за домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 отсто


Фото: Б. Грданоски

Беше најавувано дека струјата може да поскапи од еден до три проценти, но Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска објави дека цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари во просек ќе се зголеми за 0,92 отсто. За оние што трошат најмалку, и влегуват во првиот блок, зголемувањето е најмало и изнесува 0,68 проценти, во вториот блок поскапувањето е 0,9 отсто, а најголемо е поскапувањето за „трошаџиите“ од третиот блок – за 1,93 проценти, и за оние од четвртиот блок кои од Нова година ќе добиваат струја поскапа за 2,24 проценти. Истовремено, РКЕ објави дека евтината тарифа поскапува за 0,9 проценти.

Сепак, останува да се види како тоа ќе изгледа во практика, бидејќи дел од граѓаните се жалат дека секој месец добиваат повисоки сметки за струја. 

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски денеска на прес-конференција посочи дека доколку се прифатело барањето на ЕВН хоум, цената на електричната енергија за домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 проценти.

„Ова ни е прва одлука во која што го искористивме контролниот механизам во однос на определувањето на цената на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи. ЕВН Хоум како универзален снабдувач до РКЕ достави на контрола и разгледување одлука на 5 декември оваа година. Согласно нивното барање цената за домаќинствата требаше да се зголеми за 4,4 проценти. Во најголем дел немавме разлики, а единствената разлика која постои меѓу тоа што сега го одобривме и тоа што го достави ЕВН е во однос на факторот на корекција и за да обезбедуваме ценовна стабилност и цени кои ќе имаат минимално влијание врз вкупните трошоци за електрична енергија на граѓаните постапивме на овој начин. Како што ветивме, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата се зголемува за 0,92 проценти“, рече Бислимоски.

Тој објасни дека едно просечно домаќинство во државата кое има сметка од 2.300 денари од 1 јануари ќе плаќа повеќе 21 денар, односно сметаката која што ќе ја добие со зголемената цена на струјата ќе изнесува 2.321 денари.

Бислимоски објасни дека цената за електричната енергија кај домаќинствата се состои од два дела, едниот дел е енергија, другиот дел е мрежарина.

„Мрежарината за сите блокови е иста и сега изнесува 2,14 денари. За првиот блок цената на енергијата е 4,44 денари, а заедно со мрежарината е 6,58 денари за киловат час, а претходно изнесувала 6,53. Збирната цена за вториот блок е 7,71 денар, а претходно изнесувала 7,64 денари. Цената во третиот блок е 9,57, а претходно изнесувала 9,39 денари. Во четвртиот блок е 20,4 денари, а претходно изнесувала 20 денари. Цената на евтината тарифа изнесува 4,12 денари, а претходно изнесувала 4,08 денари“, рече Бислимоски.

Регулаторната комисија за енергетика претходно ја намали цената на мрежарината пред се во делот на дистрибуција, што овозможи да има покомотна позиција кога се носеше најновата одлука која што се однесува на универзалниот снабдувач.

„И покрај тоа што ЕСМ ја зголеми од 60 на 62 евра за мегават час цената по која ја продава електричната енергија на ЕВН Хоум намалувањето на цената на мрежарината ни овозможи да ја донесеме оваа одлука“, рече Бислимоски.

Тој се осврна на акумулираниот долг кон универзалниот снабдувач кој ќе се враќа наредните години. 

Со новата одлука, како што прецизира, на универзалниот снабдувач, кон кого долгот изнесува околу 870 милиони денари, му се враќаат 65 милиони денари од долгот и дополнително му се враќаат уште 132 милиони денари од повеќе остварен приход.

„Долгот ќе се врати како што е предвидено со факторот на корекција и со нашиот тарифен систем, но тоа ќе го правиме чекор по чекор за да нема никакво влијание врз крајните потрошувачи, односно пред се кај домаќинствата. Секоја година ќе анализираме кога ќе доставуваат барање за цена и во зависност од приходите колку ќе ги остваруваат ќе враќаме дел од долгот. Очекувам дека за максимум 6-7 години ќе го порамниме долгот кај универзалниот снабдувач“, рече Бислимоски. (Н.В.)