Стручњаците стравуваат од избивање епидемија од сипаници на Балканот


Покрај тоа што го вакцинирала своето прво дете, Вања одлучила својот помал син да не го вакцинира против сипаници.

Таа е психолог, што живее во Подгорица, главниот град на Црна Гора, вели дека се предомислила откако прочитала многу работи во онлајн групата на која ѝ припаѓа.

„Немам доверба во системот за вакцинација. Ни недостасуваат информации и едукација“, изјави 44-годишната Вања за АФП и побарала нејзиното презиме да не се наведува. „Чувствувам голема одговорност и не беше едноставно да се донесе ваква одлука“.

Вакциот став е се почест во Црна Гора која има најнизок број деца вакцинирани против сипаници во светот. Само 23,8 отсто доенчиња во 2020 година се вакцинирани со две дози, велат податоците на Светската здравствена организација.

Драматичниот пад на стапката на инокулација ги присили стручњаците за јавно здравство да се подготвуваат за скора епидемија на сипаници во Црна Гора и соседните држави на Балканот во кои вакцинацијата исто така падна, во голема мерка и поради порастот на дезинформации, посебно во текот на пандемијата со Ковид-19.

„Ризикот од избивање епидемија со сипаници е висок“, вели за АФП службеник за имунизација од СЗО Драган Јанковиќ.

„Увозот на вирусот на сипаници е само прашање на време… штом се увезе во подложната популација, ќе почне ширењето“.

Во соседна Македонија 63 отсто од децата се вакцинирани против сипаници, рубеола и заушки (ММР) со прва доза, додека во Србија вакцина примиле 78 отсто од децата.

Совршена бура

Стручњаците тврдат дека е потребно најмалку 95 отстотна вакцинација со две дози, за да се избегне ширењето на сипаниците, многу заразна болест која се пренесува преку воздух и може да биде смртоносна.

Вирусот може да предизвика компликации кои вклучуваат слепило, отекување на мозокот и воспаление на белите дробови, а кај невакцинираните деца вообичаен е најголем ризик од развој на сериозни случаи на болеста – вклучително и смрт.

Сепак, со децении постои аверзија кон ММР вакцината која се темели на раширените дезинформации поврзани со студија од 1998 година која укажа на поврзаноста меѓу вакцините и аутизмот, а во меѓувреме научно е побиена.

Обединетите народи во повеќе наврати предупредија дека се подготвува „совршена бура“ за нови епидемиолошки болести кои може да се спречат, со пандемијата која го наруши рутиснкото вакцинирање.

И покрај тоа што сипаниците во 2019 година убиле повеќе од 207.000 луѓе во светот, во многу земји паднаа стапките на вакцинирање.

Стапката на вакцинирање со прва доза падна од 86 на 84 отсто на глобално ниво меѓу 2019 и 2020 година, додека според податоците од СЗО во истиот период само 70 отсто од децата примиле втора доза.

Епидемиолозите сметаат дека антиваксерските ставови на Балканот настануваат поради неколку фактори, а тоа се недоверба во владите, недостаток на сериозни спроведени мерки и поплава од дезинформации на социјалните мрежи во текот на пандемијата на корона вирусот.

Во Црна Гора лекарите ја повикаа владата посериозно да пристапи кој овој проблем и предупредија дека малите парични казни за родителите кои одбиваат задолжителна вакцинација не се доволни за да сопре антиваксерското движење.

„ММР вакцината во моментот не е услов за упис во школите и во градинките“, рече за АФП Милена Поповиќ Самарџиќ, епидемиолог на црногорскиот Институт за јавно здравје.

Речиси третина од Црногорците веруваат во теорија на заговор според која лекарите и владата настојуваат да се вацинираат децата со вакцини кои предизвикуваат аутизам, покажа истражувањето на Ипсос објавено во 2021 година.

Истиот извештај утврди дека и повеќе од половина од населението на земјата уверени се дека „глобалните елити“ ја створиле короната за да ја намалат популацијата во светот.

„Доста ми е“

Во Србија вакцините се задолжителни за упис во школите, но стручњаците велат дека надлежните често затвораат очи пред проблемот се додека епидемијата не ги присили на реакција.

„Државата само треба да ги следи правилата кои сама ги поставила“, вели Георгиос Константинидис, шеф на српското здружение на педијатри.

„Но никој тоа не го прави, ни родителите, ни луѓето во градинките кои запишуваат деца „преку врски“.

Србија последен пат имала епидемија од сипаници во 2017 година, кога 3.800 заболеле од болеста, а 12 починале, од кои две деца.

По избивањето на заразата државниот обвинител покрена постапки против 43 истакнати антиваксери поради „предизвикување паника“, но никој не е осуден, вели Владимир Цимерман, белградски лекар кој помогнал во подигањето на тужбата.

Лекарите во Србија се повеќе се фрустрирани од игнорирањето на предупредувањата.

„Ни недостига општествена одговорност. Доста ми е од сѐ“, вели Константинидис. „Основната човечност исчезна од ова општество, дури и на глобално ниво“.