„Стрежево“ два пати распишува оглас за директор, првиот е поништен

Во огласот што беше поништен се барале и психолошки тест и тест за интегритет кои во 2018 година се укинати во законот. Актуелниот директор сака уште еден мандат


ЈП „Стрежево“ е под капа на државата

 

БИТОЛА – ЈП „Стрежево“ Битола во рок од една недела по втор пат распиша оглас за избор на директор, откако првиот пат постави услови што не се законски. Така, по реакција на  медиуми до Управниот одбор на претпријатието,  огласот е поништен и денеска е распишан нов  со скратени услови од претходниот. Огласот тече до крајот на оваа недела.

Актуелен директор во „Стрежево“ е Менде Граматковски, кадар на СДСМ, а претпријатието е под државна капа. Мандатот на Граматковски истекува во март.

Симптоматичена е ситуација со распишаниот и поништен оглас во „Стрежево“. 

Според достапните информации, во двата објавени огласи за директор кои стојат на интернет страната на ЈП „Стрежево“, очигледно е дека за разлика од првиот оглас распишан на 17 јануари, во вториот објавен на 24 јануари, не се бара потврда за положени психолошки тест и тест за интегритет, како и план и програма за работа на јавното претпријатие во наредните 4 години.

„Имам компетенции да се јавам на огласот за директор на ЈП ‘Стрежево’, но условите објавени во огласот беше невозможно да се исполнат, особено што се бараше потврда  за положени психолошки и тест за интегритет, што се укинати во 2018 година. Се бараше и план и програма за работа на претпријатието во наредните четири години.  За план прифаќам, но како да подготвам програма, кога сум надворешен човек. Значи веднаш ме обесхрабри вака срочениот оглас. Па се запрашав дали да се пријавам и моите документи да бидат отфрлени како непотполни, или да го оборам конкурсот. Но, за ‘чудо’, самите го распишаа и самите го поништија конкурсот и еве денеска распишаа нов“, вели битолчанец кој сакаше да остане анонимен.

Конкурсот за директор е објавен и потврден од страна на Управниот одбор на седница одржана на 17 јануари годинава.  Претседателот на УО, Раде Христовски во разговор за „Независен“ во петокот не беше запознат дека се бараат услови кои одамна се укинати со закон, затоа што како што рече, огласот го прави правната служба на „Стрежево“, за денеска да потврди дека огласот е поништен и тече нов.   

„Во претпријатието увидоа некои грешки и тече нов оглас. Тоа што имаше измени во законот е коригирано, значи програма не треба, ниту тестот што беше незаконски. Комисија се свика и денес има нов оглас и тече пет дена“, рече Христовски, но немаше информација дали на стариот оглас од минатата недела се јавиле заинтересирани кандидати за прв човек на „Стрежево“ или единствено заинтересиран бил Граматковски. 

Според сознанијата на „Независен“ кадровската комисија на ОО на СДСМ во Битола на 19 јануари одржала состанок на кој досегашниот директор на „Стрежево“, Менде Граматковски, добил поддршка за втор мандат. Во комисијата имало спротивставени мислења со напомена дека промени на раководните позиции во државните институции мора да има, особено по поразот на локалните избори, за што има најава и од централата на партијата.  

Но од Нова година досега решение за втор мандат добиле и директори на институции во Битола кои се под надлежност на Министерството за образование.

Партиски извори велат дека актуелните директори на СДСМ во Битола, „грчевито“ се борат и лобираат во централата во Скопје за своите фотелји. (А.Б.)