Стразбур најавува нов притисок да се применат пресудите за ОМО „Илинден“ во Бугарија

Судот за човекови права пак ќе ги повика властите во Бугарија да ги преземат сите мерки за спроведување на одлуките за здруженијата на Македонците


Европскиот суд за човекови права во Стразбур

 

Оделот за спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права во Стразбур ги нарече „неоправдани одбивања од страна на судовите во Бугарија да регистрираат здруженија со цел да
да се постигне признавање на ‘македонското малцинство во Бугарија’“, а врз основа на наводна национална безбедност, заштита на јавниот ред и правата на другите, поради наводни сепаратистички идеи и поради уставната забрана за регистрација на здруженија кои остваруваат политички цели.

Стразбур повторно ќе ги повика властите во Бугарија да ги преземат сите неопходни преостанати мерки за целосно усогласување со неговите одлуки околу ова прашање, особено во однос на усвојувањето на потребните реформи со кои т.н.  Агенцијата за регистрација ќе даде зелено светло за македонските здруженија. 

Комитетот на министрите притоа најави дека побарал информации од Софија за овие прашања и дека во септември повторно ќе ја испита состојбата, односно дали  тужената држава целосно и ефективно се придржува до своите обврски кои произлегуваат од пресудите на Судот. Исто така, се најавува дека претседавачот со Комитетот на министри ќе  упати писмо до бугарските власти за да се постигне опиплив напредок во спроведувањето на пресудите.

„За да може да се забележи опиплив напредок потребно е Агенцијата и надлежните судови да се  откажат од практиката на одбивање регистрација со образложение дека целите на здружението се неуставни затоа што тие се засноваат на малцински идентитет или се перцепирани како политички, како и исцрпно да ги идентификуваат сите недостатоци во документите за регистрација на здруженијата апликанти и здруженијата како нив, за да се овозможи поднесување точни барања за регистрација“.

Во заклучоците на ова тело натаму стои дека станува збор за неоправдано одбивање на судовите помеѓу 1999 и 2015 година да регистрираат здруженија со цел да се постигне признавање на „македонското малцинство во Бугарија“, а врз основа на закана за националната безбедност, заштитата на јавниот ред и правата на другите (цели кои имаат за цел „признавање на македонското малцинство“ и наводни сепаратистички идеи) и врз основа на уставната забрана за здруженија кои остваруваат политички цели, како и неисполнување на формално-правните барања (повреда на член 11);

Стразбур, исто така, изразува жалење поради фактот што и покрај усвојувањето на Привремената резолуција CM/ResDH(2020)197 и последователните одлуки, повеќе од 16 години по првата правосилна пресуда за овие случаи на здруженијата кои имаат за цел „да го постигнат признавањето на македонското малцинство“ продолжува рутински да им се одбива регистрацијата главно поради поширокиот проблем на неодобрување на нивните цели и се соочуваат со упорна практика на властите да покренуваат нови основи за одбивање, иако документите за регистрација биле постојано испитувани.

Стразбур со загриженост забележува дека здружението „Граѓанско здружение за заштита на основните индивидуални права“ е распуштено на конечен начин врз основа на негативната оценка за неговите цели, отфрлена од Европскиот суд во сегашните пресуди, а не поради реални незаконски активности; повторно истакна дека сегашните пресуди не предизвикуваат обврска за признавање на група на лица како малцинство, но јасно бараат од домашните власти да не одбиваат регистрација врз основа на која Европскиот суд постојано ги одбива во врска со целите на здруженијата;

Се потсетува исто така на „позитивните мерки што претходно ги усвоија бугарските власти, вклучително и законските измени од 2018 година со кои се воведе нова административна процедура за регистрација“ и понатаму се истакнува дека властите неодамна објавија „Принципни позиции“ за службениците за регистрација и прирачник за здруженија во врска со барањата за регистрација, вклучувајќи и порака на високо ниво за извршувањето на овие случаи во писмото на министерот за правда од октомври 2021 година. Сепак, се изразува загриженост дека овие чекори не дозволуваат усогласување на практиката на Агенцијата за регистрација и судовите со барањата на Конвенцијата за човекови права;

Стразбур категорично забележува дека, за да се овозможи постигнување опиплив напредок во овие случаи, Агенцијата и надлежните судови треба да не одбиваат регистрација на здруженија кои имаат за цел да постигнат „признавање на македонското малцинство во Бугарија“ и со тоа да противречат на пресудите на Европскиот суд и исцрпно да ги идентификуваат сите недостатоци во  документите за регистрација на здруженијата апликанти и здруженијата како нив. 

Притоа се бара од Софија да даде информации за сите горенаведени прашања и се потврдува подготвеноста, во отсуство на опиплив напредок пред нивниот состанок во септември, да го поканат претседавачот со Комитетот на министри да испрати писмо до бугарските власти за да ги повикаат да најде брзи решенија за целосно и ефективно да се придржуваат до нивните обврски кои произлегуваат од пресудите на Судот во овие случаи. (Н.В.)