Стразбур денес ќе ги амнестира или ќе ги запечати криминалите на ВМРО-ДПМНЕ

Со одлуката, по шест години, ќе се затвори прашањето дали обвинетите можат да одговараат кривично за делата што се опфатени во предметите на СЈО


 

Европскиот суд за човекови права денес претпладне, преку соопштение, треба да ја објави одлуката  за предметот кој во Стразбур се води како „Талески и други против Северна Македонија“, а се однесува на аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов за десетмина функционери на ВМРО-ДПМНЕ и за Едмонд Темелко. 

Со одлуката, по шест години, ќе се затвори прашањето дали обвинетите можат да одговараат кривично за делата што се опфатени во предметите на СЈО за масовното прислушување „Таргет-Тврдина“, за  изборни нерегуларности „Титаник“,  за злоупотреба на превоз на ученици во Битола „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“ наречен „ТНТ“. Жалбата до Стразбур е поднесена во 2017 година, а главниот аргумент во неа е дека „еднаш дадена аболиција не може да биде отповикана“.

Со одлуката на Стразбур директно се засегнати Никола Груевски, Тони Јакимовски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Кирил Божиновски, Едмонд Темелко  и Владимир Талески. Во објавата на Судот се наведува дека „подносители на жалбата се седуммина Македонци/граѓани на Република Северна Македонија и еден Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија, кој исто така е и албански државјанин“. Од одлуката на Европскиот суд зависи дали овие предмети на поранешното СЈО ќе преживеат или ќе запрат, односно дали ќе се поништат повеќето предмети. Доколку обвинетите и осудените лица бидат прогласени за жртви, државата можеби ќе треба да им плати и обесштетување.

Фамозниот член 11

Аболицијата на Иванов во тоа време предизвика полемики во јавноста и поделеност меѓу правниците. Тој аболицијата ја потпиша според членот 11 од Законот за помилување, иако тогаш воопшто не беше дел од легислативата за да може да го искористи. Таа законска одредба беше донесена во 1993 година, но во 2009-та власта на ВМРО ДПМНЕ го избриша тој член од законот – за да не се злоупотребува во иднина. Така, во 2016 година, Иванов имаше реална пречка како да аболицира лица опфатени во предметите на СЈО, затоа што членот 11 не постоеше. Но, за да може да ја протне аболицијата, непосредно пред да ја објави Уставниот суд,  тогаш под влијание на ВМРО-ДПМНЕ, одлучи во експресна постапка да ги укине измените во Законот за помилување направени во 2009 година. Сепак, и покрај таквиот преседан на Уставниот суд, Иванов немаше можност да ја спроведе аболицијата, затоа што, според  правниците, тоа што уставните судии застанале против измените од 2009-та не значи дека членот 11 од 1993 година е вратен во сила и дека може да се применува. Професорот по уставно право, Светомир Шкариќ, тогаш изјавуваше дека аболицијата е ништовна.

„Помилувањата на претседателот Иванов се ништовни и како такви не произведуваат правни последици кон никого бидејќи се засновани на непостоечка законска норма. Како управни акти лебдат во воздух, без основа во Законот за помилување како lex specialis. Тие се виртуелни што никого не обврзуваат ниту сега ниту во иднина“, анализираше Шкариќ.

Дали овој аргумент го имал судот во Старзбур при носењето одлука, ќе се знае денес. Простата логика вели дека Иванов не смеел да ја даде аболицијата оти немал како, но кога веќе ја дал, а притиснати од гласната граѓанска и правна јавност, пратениците изгласаа член 11-а со кој му отворија можност во рок од 30 дена да ја повлече. Иванов така и направи, но обвинетите сега се жалат на правна несигурност и дека еднаш кога им дал аболиција, не смеел да ја поништи.  

И судии против аболицијата

„Се случи парадокс. Власта што ја укина аболицијата, одново пројави желба да ја врати на сила, за да може да се заштити од кривична одговорност. Во враќањето на нешто што не може да се врати, на нечесен начин се вклучија и Уставниот суд и Собранието, како еден тим заедно со претседателот Иванов. Уставниот суд се обиде да создаде привид дека ја оживува избришаната норма, а Собранието тоа да го санкционира на еден перфиден начин – преку калемење на нов член врз мртва подлога. На тој начин, оддалечувајќи се од правото, помилувањата станаа инструменти на политичка моќ, а не инструменти за корекција на правдата“, беше ставот на професорот Шкариќ.

За тогашната судијка во Европскиот суд за човекови права, Мирјана Лазарова-Трајковска одлуката за општата аболиција на вкупно 56 лица од страна на претседателот Ѓорге Иванов беше невообичаена, бидејќи покриваше голем број луѓе и беше многу генерализирана.  На иста релација беше и судијката  Маргарита Цаца-Николовска.

„Прво беше донесена одлука за аболиција, а потоа претседателот реши да ја повлече. Претседателот не може арбитрарно да се однесува. Компаративната практика не познава вакви примери. Ова го отвора и прашањето како мнозинството во парламентот носи вакви законски измени и тоа по скратена постапка, без каква било дискусија. Во прашање е доведена и законитоста, бидејќи аболицијата е спроведена врз основа на укинатиот член 11, кој не е и не може да биде во правен промет“, беше ставот на Цаца-Николовска. 

Вчера Цаца-Николовска изјави дека Стразбур не поништува процеси, туку носи пресуди со кои  утврдува дали има или нема повреда. Доколку утврди дека има повреда, тогаш треба да се види дали таа повреда дали е процедурална или е суштинска повреда во мерит. Ако е процедурална, тогаш странките можат да бараат повторување на постапката, но повторно зависи што е процедурална повреда. Ако е повредата во мерит, треба да се види што е самата повреда и во зависност од тоа треба да се испитува дали треба да дојде до промена на законодавство или носење на нови закони, порачува судијката.

Дел од случаите ќе ја преживеат одлуката на Стразбур

Во случај Стразбур да одлучи во полза на екс-функционерите, сепак дел од предметите на СЈО ќе преживеат. Така, за Никола Груевски, кој има седум решенија за аболиција од Иванов за исто толку кривични дела, одлука во негова полза само половично ќе му заврши работа. Тој, ако се врати во земјата, ќе мора повторно да да одлежи ефективна казна од две години за набавката на луксузниот „мерцедес“ од 590.000 евра – бидејќи случај „Тенк“ не е опфатен со аболицијата.

За предметот „Титаник“, или за изборните нерегуларности на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски се гони за три кривични дела, но и да помине аболицијата со сигурност би продолжило да му се суди барем за едно дело кое не е опфатено со решенијата. Исто така поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ не би се спасил ниту за „Талир“ и „Талир 2“, за кои немаше аболиција. Сепак, Груевски би куртулил од случајот „Насилството во Центар“, за кое беше осуден на една и пол година затвор.

Позитивна одлука на Стразбур не би ја спасило ниту Јанкулоска за случајот „Тенк“, за кој одлежува 4-годишна затворска казна, бидејќи кога Иванов ја раздаваше аболицијата, овој предмет не постоеше.

Најголем ќар од аболицијата би имал Мијалков бидејќи би запреле речиси сите активни судења против него. Сега, главниот предмет „Таргет -Тврдина“,  за кој Мијалков беше осуден на 12 години затвор, со одлука на Апелацискиот суд е вратен на повторно судење. Со позитивна за него одлука на Стразбур тој ќе се ослободи од две  кривични дела и ќе одговара само за едно што повлекува само пет години затвор, но очекувањата се дека овој случај и без тоа ќе застари бидејќи мора да биде завршен до 2025 година. Случајот „Титаник 2“ би продолжил да тече, бидејќи Мијалков не е помилуван за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ за кое што се гони. Тој веќе беше осуден на три години затвор, но првостепената пресуда падна на Апелација, по што судењето почна од почеток. Случајот „Трезор“, за кој Иванов го помилува за кривичното дело кое е напишано во обвинителниот акт, исто така е вратен на повторно судење со одлука на Апелацискиот суд.

Рекордерот по дадени аболиции е Јанакиески, односно Иванов му потпишал дури 16 решенија, но против него се водат најмногу предмети во Кривичниот суд. Со позитивна одлука од Стразбур за аболицијата нема да завршат неговите правосудни маки. И понатаму би продолжило да му се суди за „Траекторија“, а половично би се спасил од предметите „Титаник“ и „ТНТ“.

Поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талевски, веќе е во затвор каде одлежува казна за случајот „Транспортер“ за кој го помилува Иванов. Дилемата е – дали тој ќе биде пуштен на слобода ако Стразбур ги прифати жалбите? 

Инаку, екс претседателот Иванов решенијата за аболиција ги потпиша во брзање, пред да бидат објавени случаите на СЈО  и колку ревносно го направил тоа покажува фактот дека потпишал дури 111. (Н.В.)