Стразбур бара да се казнува говорот на омраза во Македонија
По долга и жолчна расправа во Стразбур, Комитетот на министри на Советот на Европа на ја усвои резолуцијата за национални малцинства во Северна Македонија, со која не се утврдува основа за тврдењата на Бугарија за постоење на системска дискриминација врз малцинствата во земјава. Уште повеќе правата на бугарската заедница не се ни споменати во резолуцијата што беше објавена попладнево и главно се фокусира на правата на албанската и на Ромите во Македонија.
Комитетот на министрите по правило заседава зад затворена врата, но сепак се дознава дека во расправата биле одбиени сите амандмани на Бугарија и во целост била прифатена аргументацијата и ставовите на македонското МНР.Подолу е текстот на резолуцијата која се однесува на спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од Северна Македонија.
Препораки за итна акција:
1. Да се преземат понатамошни чекори кон промовирање на интегрирано општество кое се заснова на почит и доверба меѓу различните заедници. За да се обезбеди одржливост на стратегијата „Едно општество за сите“, властите треба да обезбедат политичка поддршка на високо ниво, солидно финансирање и достапност на практичарите во образованието, медиумите и граѓанското општество, како и на пошироката јавност.
Понатаму, од властите се бара да спроведат интеркултурен пристап кон образованието преку доделување соодветни ресурси, продолжување со прегледување на наставните материјали и обука на наставниците и другиот образовен кадар за културите, историјата и сегашната ситуација на различните малцинства. Треба да се обезбедат поредовни контакти меѓу учениците со различно етничко потекло, вклучително и преку обезбедување мешани средини во училиштата и училниците.
2. Зголемување на напорите за спречување случаи на кршење на човековите права врз Ромите од страна на полицијата. Понатаму, властите треба да обезбедат дека механизмите за надзор во Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство и Канцеларијата на народниот правобранител се ефективни и дека наводните случаи на полициско недолично однесување се истражуваат и соодветно санкционираат.
3. Подобрување на пристапот на децата Роми до квалитетно образование преку зајакнување на добрите практики како што се образовните медијатори, стипендиите и образовните додатоци и нивно објавување на родителите Роми. Властите исто така треба да го зголемат уписот во предучилишните установи и решително да се осврнат на де факто сегрегираното образование. Понатаму, властите се повикани да обезбедат Ромите во пракса да имаат пристап до законски гарантираните бесплатни здравствени услуги, вклучително и до дијагноза, третман и вакцинација поврзани со Ковид-19. Посебно внимание треба да се посвети на пристапот до услуги и информации за репродуктивното здравје за жените Ромки. Властите треба да инвестираат повеќе во регрутирање и обука на ромски здравствени медијатори и лекари, особено кај жените.
Дополнителни препораки:
4. Власта да ги обезбеди потребните ресурси за Комисијата за заштита и спречување од дискриминација и за народниот правобранител за да можат самостојно и ефективно да ги исполнуваат своите мандати;
5. Да обезбеди наменско и одржливо финансирање на ниво што ги задоволува културните потреби на лицата кои припаѓаат на националните малцинства и да ги продолжи напорите за зајакнување на инклузивниот пристап во културната политика;
6. Да осигура дека инцидентите на криминал од омраза и говорот на омраза се навремено идентификувани, евидентирани и ефективно истражени и дека одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата. На постојните иницијативи против говорот на омраза на интернет, како што се Советот за етика во медиумите и Регистарот на професионални и етички онлајн медиуми, треба да им се даде сета потребна поддршка;
7. Властите да доделат доволно ресурси за редакциите на малцински јазик во јавниот радиодифузен сервис. Властите, исто така, треба да обезбедат јавната радиодифузија доследно да промовира меѓукултурно почитување и разбирање, а со тоа да придонесе за интеграција на општеството. Тие треба да размислат за обезбедување поддршка за печатени или онлајн медиуми за нумерички помалите малцинства;
8. Да се подобри имплементацијата на Законот за употреба на јазиците преку значително зголемување на инвестициите во обука и регрутирање на преведувачи и толкувачи и континуирано оценување на неговото влијание. Треба да се разјаснат одредбите на законот за јазичните права на бројно помалите национални малцинства.
9. Да се подобрат условите за настава и на јазиците на малцинствата. Треба да се намали минималниот број на ученици за отворање на час по јазик на малцинствата, а подигањето на свеста и анкетите за барањата треба да се спроведуваат многу пред секоја учебна година. Властите треба да ги разгледаат можностите за поттикнување на познавањето на јазиците на малцинствата, особено албанскиот, кај децата од мнозинството;
10. Да се зголеми социо-економското учество на лицата кои припаѓаат на националните малцинства кои живеат во руралните области преку инвестирање во инфраструктура и можности за вработување и насочена поддршка за малцинските млади. Треба да се обезбеди ефективно учество на засегнатите заедници;
11. Да се зголеми, во тесна соработка со претставниците на Ромите, учеството на Ромите на пазарот на труд преку програми кои се специјално прилагодени на соодветните целни групи, вклучително и жените Ромки, и да се осигура дека пандемијата Ковид-19 не влијае несразмерно на социо-економско учество на Ромите.