Стратешките инвестиции ќе обезбедат пониска цена на струјата од берзанската, велат од Владата

Секој инвеститор ќе биде обврзан за секој произведен еден мегават час електрична енергија да врати едно евро назад во општеството


Јован Деспотовски, фатмир Битиќи и Виктор Андонов

 

Со стратешките инвестиции во областа на енергетиката државата ќе добие поевтино и стабилно снабдување со електрична и топлинска енергија, државното земјиште на кое што ќе бидат изградени не се отуѓува туку се дава под долгорочен закуп, и на крајот, по истекот на рокот од 30 години, Електростопанство на Македонија (ЕСМ) ќе има право да ги добие овие капацитети по цена од едно евро.

Ова денес во Владата на брифинг со новинарите го соопштија вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски и директорот за развој во ЕСМ, Виктор Андонов.

Со инвестициите кои паралелно планира да ги спроведува и ЕСМ со изградба на сопствени капацитети во ТЕЦ Неготино, РЕК Битола и други, нашата земја лесно може да стане извозник на електрична енергија, наместо како сега, една третина од потребите или повеќе да ги обезбедува од увоз со сите непредвидливости кои ги носат состојбите на берзите на електрична енергија, беше кажано на брифингот.

Инаку, четирите инвестиции кои што утре влегуваат во Собранието на одлучување, заедно изнесуваат 786 милиони евра, според бизнис плановите доставени од инвеститорите.

Токму енергетската криза минатите години и потребата државата да ја субвенционира цената на струјата за граѓаните ги сосече можностите на државата и на ЕСМ да инвестираат, бидејќи само за ублажување на последиците од енергетската кризата беа потрошени околу 400 милиони евра, кои во нормални околности би можеле да се употребат за инвестиции. Затоа, од Владата сметаат дека стратешките инвестиции во енергетиката нема да ја нарушат енергетската самостојност на државата, туку, со она што е договорено (како на пример цената на електричната енергија која што ќе се купува) ќе овозможат стабилно и сигурно снабдување по цени кои што се под берзанските.

„ЕСМ овие три-четири години имаше предизвик да ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи така што парите кои евентуално ќе ги инвестираше, ги дадовме за субвенции. Тие 400 милиони отидоа кај граѓаните за субвенционирана цена на електричната енергија. За жал, бевме во такви кризни години. И сега бидејќи очекуваме дека ќе излеземе од криза велиме кои се започнатите иницијативи од ЕСМ и тоа мора да биде направено во наредниот период на енергетска транзиција. Очекувани се дискусиите и стравувањата дека од увозници ќе станеме извозници. Сите стратешки инвеститори имаат дадено и банкарски гаранции за реализирање на инвестициите“, рече Битиќи.

Од оние кои што се јавиле на огласот за стратешки инвестиции, вкупно осум ги исполниле критериумите според Законот за стратешки инвестиции, а од нив седум се од областа на енергетиката, а една е во областа на туризмот и се однесува на центарот Попова Шапка. За четири проекти, преговорите се завршени и тие се наоѓаат на одлучување во Собранието за што расправата по законските решенија е предвидено да почне утре.

Дали четирите проекти, соларната електрична централа – „Пехчево“, „Соларен парк Стипион“, потоа проектот „Митилинеос“ за когенеративна постројка во Скопје и АИМ „Греен тец“ кој предвидува комбинација од три технологии: соларна енергија, мотори на гас и можност за батерии за балансирање на мрежата, ќе добијат виза од пратениците, ќе покаже расправата за која веќе сега може да се каже дека ќе биде жестока, имајќи ги предвид забелешките кои вчера ги посочија од Здружението на инженери и кои директно беа упатени до парламентарците.

На прашањето што ќе биде со ТЕ-ТО, доколку се реализираат најавените стратешки инвестиции, Битиќи вели дека што се однесува до него, овој капацитет би можел и да се затвори, бидејќи станува збор за руска инвестиција. На забелешката дека сепак токму ТЕ-ТО помогна да се преброди енергтската криза кога беше најтешко, особено за затоплување на Скопје, Битиќи вели дека биле уценувани.

„Да немам класифициран безбедносен сертификат и да ми кажат дека можам, ќе ви кажам, Прашајте ги нив колку лесно ни ја давале енергијата кога таа им беше потребна на граѓаните. Прашајте ги колку лесно ни ја даваа топлинсаката енергија, прашајте ги колку од нас со саати слушале тормозење од нивните цени. Некогаш ако ми кажат дека може да зборувам, ќе кажам. Прашајте ги нив што ќе прават. Јас знам што им треба на нашите граѓани во наредните пет – 10 или 15 години“, вели Битиќи.

Инаку, за една инвестиција да биде прогласена за стратешка, треба да биде најмалку 30 милиони евра доколку е во рурална област, над 50 милиони во урбана област и над 150 милиони евра доколку е мултисистемска, односно ако опфаќа повеќе сектори.

На последниот повик кој што се затвори на 31 јануари 2023 година стигнаа 16 различни апликации, осум од нив се здобија со стаус стратешки инвестиции што во основа значи дека се влегува во фаза на преговори во кои ќе се види дали проектната идеја може да добие таков статус.

Четири од овие осум се стигнати во финална фаза, односно со предлог договори и законски решенија кои што се наоѓаат пред пратениците на одобрување. Сите четири се во енергетскиот сектор, а петтата за која се уште се преговара е во областа на туризмот. За другите три Битиќи не верува дека може да се затворат преговорите до изборите, но статусот стратешки инвестиции останува и за нив.

За сите инвестиции преговорите траеле повеќе од две години.

Зборувајќи за фотоволтаичната централа „Стипион“  во Штип и Свети Николе, со капацитет од 400 мегавати, на местото каде што првично беше предвиден карго аеродром, Битиќи вели дека се преговарало две години и во текот на преговорите инвестицијата е прилагодена значително на барањата на локалните земјоделци. Односно, дека 160 хектари биле отстапени од првичниот план и наместо нив сега инвестицијата ќе се протега на друга површина. Остануваат да се допреговараат десетина хектари кои сега ги користат земјоделците и кои се во центарот на идната централа.

За прв пат кај нас ќе се овозможи и поставување на таканаречени агроволтаици, односно панели кои покрај производство на електрична енергија ќе овозможат и непречено земјоделско производство. Исто така, компанијата инвеститор прави сѐ да има нула негативно влијание врз околината, како и да се заштити и да се обезбеди непречено користење на системот за наводнување, за што во тек е чистење на каналите.

Само оваа инвестиција изнесува околу 270 милиони евра.

„Со сите четири инвестиции за прв пат успеавме да вметнеме еден сегмент на развојна компонента. Не е данок, туку е одреден придонес на сите инвеститори кој што го враќаат назад кон наслението. Секој инвеститор е обврзан за секој произведен еден мегават час електрична енергија да врати едно евро назад во општеството“, вели Битиќи.

На пример, во оваа централа годишно ќе се произведуваат 750 илјади мегавати електрична енергија што значи дека секоја година 750 илјади евра ќе треба да ги врати за финансирање проекти во двете општини каде што гравитира оваа инвестиција за инвестиции во општините, односно за граѓаните за подобрување на социјалната инфраструктура (градинки, водовод, училишта) за што ќе одлучат самите општини.

Или, во целиот временски период од инвесицијата би требало да придонесе 21 милион евра во двете општини, Свети Николе и Штип.

Средствата нема да ги даваат на општините директно, туку ќе се уплаќаат во Развојната банка од каде што низ посебен развоен фонд ќе се финансираат проектите.

Вкупно годишно очекуваниот фонд во Развојната банка ќе биде 2,5 милиони евра од сите четири старешки инвестиции што значи дека за 30 години се очекува околу 70 милиони евра да влезат во овој развоен фонд за финансирање на структурни социјални проекти во општините во кои се овие инвестиции.

Ова е прв пат да се воведе ваков механизам.

Со овој инвеститор се испреговара и таканаречен договор за закуп на електричната енергија при што ЕСМ, доколку законот помине во Собрание, би требало да ја купува електричната енергија по загарантирана цена од 56 евра за мегават час. За споредба, сега производствената цена на електрична енергија во РЕК Битола е 110 евра за мегават час, а на цело ЕСМ изнесува 90 евра за МВЧ.

Според Владата ова е најниска цена која што е постигната во слични инвестиции во регионот, при што цената била од 68 до 89 евра.

Исто така, обврските за балансирање на електричната енергија се 50:50 меѓу ЕСМ и инвеститорот. За евентуална корекција на цената ќе се признава годишната инфлација во ЕУ, но не повеќе од два отсто.

Во однос на државната помош, на пример, за инвестицијата на Митилинеос Владата ќе обезбеди 50 милиони евра за период од 5 години. Оваа компанија ќе добие на користење државно земјиште во комплексот Железара во Гази Баба која ќе има статус на технолошко инустриска зона. Планираната вредност на оваа инвестиција е 290 милиони евра. Државата од своја страна ќе треба да изгради пристапна инфраструктура.

Според владините претставници оваа постројка ќе треба да се изгради за пет години и покрај електрична енергија ќе произведува и топлинска енергија по цена за 40 отсто поевтина од постојната, што ќе овозможи проширување на бројот на корисниците на централно греење. За таа цел неопходно е да се изгради нешто повеќе од еден километар цевковод за да се спои со постојниот топловоден систем во Скопје.

ЕСМ според договорот, струјата од Митилинеос ќе ја набавува по цена за најмалку пет отсто пониска од берзанската. Инсталираната моќност на овој капацитет ќе биде 165 мегавати и годишно ќе производува 1.100 мегават часови електрична енергија, што ќе се користи и за балансирање на системот. 

Државата ќе инкасира 0,1 евро по квадратен метар и по 2 евра годишно по квадратен метар за одржување. По истекот на договорниот период, стратешките инвеститори ќе треба објектите да и ги отстапат на државата за едно евро за квадратен метар.