Енергетските инвестиции пред пратениците, дали ќе ја доживеат судбината на „Чебрен“

Слично како и во случајот со „Чебрен“, и сега повторно на спротивставени страни се претставници на државните институции и Здружението на инженери


 

Четири договори за стратешки инвестиции кои се доставени во Собранието за изгхрадба на капацитети од обновливи извори, повторно ја разбрануваа јавноста – дали тие ќе донесат придобивки за Македонија или пак ќе имаат штетни последици за (енергетската) иднина на земјата. Слично како и во случајот со Чебрен, и сега повторно на спротивставени страни се претставници на државните институции, од една страна, и од друга Здружението на инженери.

Во предлог материјалите кои се доставени до пратениците во Собранието се предлог законите за реализација на стратешките проекти „Соларна електрична централа – Пехчево“, на инвеститорот на стратешкиот инвеститор, ХЕК „Солар“ МК ДОО Негрево, Пехчево, врееден околу 51,9 милиони евра, потоа за Стратешкиот инвестиционен проект „Соларен парк Стипион“, на стратешкиот инвеститор, „Остро солар“ ДООЕЛ Скопје за изградба на фотонапонска централа од 400 мегавати, вредна 270 милиони евра, третиот е инвестиционен проект „Митилинеос“ за когенеративна постројка Скопје и четвртиот е стратешкиот инвестициски проект АИМ „Греен тец“, на стратешкиот инвеститор, АИМ „Греен Тецх“ ДООЕЛ Скопје кој предвидува комбинација од три технологии: соларна енергија, мотори на гас (технологија која е компатибилна и со водород, правејќи ја адаптирана на иднината) и можност за батерии за балансирање на мрежата, како што се наведува во образложението на предлог законот досатвен до пратениците.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, денес изјави дека реализацијата на стратешките енергетски инвестиции ќе ги преполови сметките за парно и државата ќе извезува струја.

„Со влезот на стратешките енергетски инвестиции ќе се зголеми енергетската независност на земјава и сметките за парно ќе се преполоват“, рече Бислимоски, во интервју во утринската емисија на „Слободен печат“.

„Одлично е што ќе имаме конечно француска инвестиција и заедно со реализацијата и на грчката инвестиција во енергетиката граѓаните може да очекуваат стабилни сметки за струја и пониски сметки за топлинска енергија. Во исто време поради ниската цена ќе се зголеми интересот за приклучување кон мрежата за топлинска енергија и ќе се ослободат количини што ЕСМ ги произведува на ниво од два блока во РЕК ‘Битола’. ЕСМ ќе може да продава струја на берза и парите да ги насочи кон инвестиции“, вели Бислимоски.

Тој посочи дека концептот на приватни инвеститори во случајов стратешки е применуван секаде во Европа. Тоа е модел каде приватниот инвеститор гради енергетскиот капацитети, а енергенсот се откупува по однапред утврдена цена што е пониска од онаа што ја има ЕСМ.

„Сега ЕСМ ја продава струјата на ЕВН хоме по цена од 58 евра за Mw/h, додека од стратешките партнери ќе изнесува 55 евра за Mw/h. При што доминантно струјата е од РЕК ‘Битола’ од јаглен, чие производство ќе поскапи поради данок од ЕУ од 70/80 евра за Mw/h што значи дека цената ќе достигне до 150 евра. Дај боже да има уште повеќе инвеститори и од увозна земја ќе станеме земја што извезуваме струја“, вели Бислимоски, додавајќи дека минатата година била преполовена количината што се увезува поради приватните инвестиции и тоа е одлична работа.

Според РКЕ, за две години издадени се лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори со инсталиран капацитет од речиси 600 MW и тоа се инвестиции на приватниот сектор претежно од фотоволтаични централи.

„Она што е направено во независна Македонија кога енергетиката е во прашање е околу 85% приватна инвестиција. Државната ЕСМ ја има направено ‘Козјак’ односно ХЕЦ ‘СВ. Петка’ и ветерната електрана во Богданци што е вкупно 140 MW, додека останатите околу 900 MW.
Тезата дека државата треба да гради енергетски капацитети е легитимна, но поради енергетската криза ЕСМ обезбедува субвенционирана цена за граѓаните и е во загуба – добива пари од буџет. Сега ќе може да ја задржи ниската цена, граѓаните да добиваат и пониски сметки“, посочи Бислимоски.

Но, од Здружението на инженери сметаа дека ваквите стратешки инвестиции треба да ги реализира државата, слично како што велеа и за сега веќе пропаднатиот тендер за Хироелектраната „Чебрен“.

Интересен е моментот кога од ова здружение се јавуваат со реакција – кога материјлаите веќе се пред пратениците на одлучување. 

Обраќањето на Здружението е директно до пратениците, кои како што наведуваат на 7 овој месец (в среда) ќе треба да расправаат четирите предлог-закони.

Тие посебно го издвојуваат оној за реализација на стратешкиот инвестиционен проект „Митилинеос“ когенеративна постројка Скопје, велејќи дека и тој, но и другите три имаат „слични многу штетни последици за иднината на Македонија“. 

„Свесни сме и сигурни дека енергетските проекти можеме и мораме да ги реализираме со сопствени сили. Тие мораат да бидат наши македонски, со цел да се зајакне енергетскиот суверенитет на Македонија, како еден од клучните фактори за нејзиниот државен суверенитет“, велат од Здружението на инженери.

Тие во обраќањето до пратениците додаваат дека договорите кои се составен дел од овие четири предлог-закони се штетни по нашата економија и ќе предизвикаат финансиски колапс на Македонија.

„Со многу помали ризици и со многу поекономичен приод истите проекти може нашата држава самостојно да ги реализира“, се вели во дописот.

Така на пример, според Здружението на инженери, гасната когенеративна електрана со електрична моќност од 165 MW (од Законот и договорот со ‘Митилинеос’) чини околу 180
милиони евра (според сегашните пазарни цени), а во предлог-законот е истакнат износ од 290
милиони евра. Притоа, како што додаваат, Македонија зема обврска да му даден државна помош на „Митилинеос“ од речиси 50 милиони евра, а за потребите на „Митилинеос“ Владата зема обврска да изгради индустриска зона „Енергија Скопје“ во кругот на Железарница Скопје на плацови што имаат површини од 115.000 m2, а чија вредност на чинење на самите плацови и инфраструктурно уредување за потребите на зоната (пристапни патишта, одводна мрежа за отпадни води, трансформатор, цевководи… според нивната проценка, изнесува околу 20 милиони евра), а кои на стратешкиот инвеститор му се изнајмуваат за симболична цена од само 10 денари/m2, при што Македонија се обврзува да врши одржување и обезбедување на индустриската зона.

„Македонија, а не ‘Митилинеос’, после 2030 година ќе има обврска да плаќа околу 25
милиони евра годишно давачка за емисија на СО2“, велат од Здружението, додавајќи дека државата се обврзува дури и ако нема потреба, на „Митилинеос“ да му плаќа за преземање
на околу 1.000 MWh електрична енергија и 275 MWh топлинска енергија.

Според Здружението на инженери, Македонија годишно ќе губи помеѓу 15 и 35 милиони евра со тоа што цените за електричната и топлинската енергија со која Договорот не обврзува да ги купуваме од Митилинеос се од 15% до 35% повисоки од берзанските, потоа дека ќе плаќа 10 пати повисока маржа од нормалната за производство на електрична и топлинска енергија бидејќи, како што посочуваат, Митилинеос добива загарантирана маржа на годишно ниво од 43,7 милиони евра за електричната енергија (38 ЕУР/MWh) и 4,4 милиони евра за топлинската енергија (16,2 ЕУР/MWh), или вкупно над 48 милиони евра годишно.

Во дописот се наведуваат и други елементи кои Здружението на инженери ги зема како аргументи зошто овој проект треба да го реализуира државата, а не стратешкиот инвеститор, како загарантиран профит од над 40 милиони евра годишно, бројни пенали и тн. при што, како што тврдат, „Митилинеос“ ќе има чист профит од најмалку 1,2 милијарди евра за 30 години колку што трае договорот за стратешко партнерство, а по 30 години не мора да ѝ ја врати електраната на Македонија.