Стратешкиот дијалог со Македонија од американска страна ќе го води заменикот-државен секретар Кристофер Ландау
Околу 11 часот по американско време (17 часот по македонско) во Стејт департментот во Вашингтон треба да се одржи Стратешкиот дијалог меѓу САД и Македонија. Од Македонија на овој состанок ќе биде присутна висока владина делегација, предводена од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, министрите за внатрешни работи Панче Тошковски, за одбрана Владо Мисајловски, за дигитална трансформација Стефан Андоновски, како и министерката за енергетика Сања Божиновска.
Според распоредот на настаните што ги објавува Стејт даепартментот за денеска наведено е дека на дијалогот ќе присуствува заменик-државниот секретар Кристофер Ландау. Во 11,15 минути тој ќе учествува на церемонијата на потпишување на меморандум за разбирање на маргините на Стратешкиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија во Стејт департментот. А веднаш потоа ќе има посебна средба со министерот Муцунски.
Во тоа време државниот секретар Марко Рубио, според агендата на Стејт департментот, ќе има разговори со министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Петерс.
Првиот Страешки дијалог меѓу САД и Македонија се одржа во јуни 2022 година во Вашингтон. И тогаш од Македонија присуствуваше повеќечлена министерска делегација на чело со министерот за надворешни работи Бујар Османи, додека американската страна ја предводеше помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Карен Донфрид.
Во стратешкиот дијалог ќе учествуваат неколку високи функционери на Стејт департментот, меѓу кои и Ани Ву, високиот службеник на Бирото за нови закани. Во најавата на Стејт департментот за стратешкиот дијалог не е наведено какви меморандуми или изјави ќе бидат потпишани.