Странските директни инвестиции лани достигнаа 8,1 отсто од БДП

Странските директни инвестиции во 2024 година во земјава изнесуваат 1,255 милијарди евра, што е двојно повеќе во однос на минатата година, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешната прес – конференција во Владата повикувајќи се на податоците на Народната банка.
Според министерката, странските директни инвестиции го надминале и рекордното ниво од 2022 година за 70 отсто.
– При тоа е значајно дека растот на СДИ е изразен не само во апсолутни износи, туку и како учество во БДП. Така во однос на проектираниот БДП за 2024 година, реализираните СДИ изнесуваат 8,1 отсто, што е највисок износ уште од 2007 година. Поконкретно за споредба, во целиот 15-годишен период 2008-2023 година, СДИ ниту еднаш не надминаа шест проценти од БДП. На овој начин потврдуваме дека ја менуваме економската слика за државата која со години беше девастирана и покажуваме дека системот се менува и има промени и работиме на враќање на довербата во системот, рече Димитриеска – Кочоска.
Највисок износ на СДИ во 2024, нагласи, е забележан во четвртиот квартал, кога изнесуваа скоро 400 милиони евра, односно за 73,3 отсто повеќе во споредба со претходната година.
– Во однос на видот на инвестиција, СДИ бележат рекордно високи износи кај двата вида: сопственички капитал и реинвестирање на добивката и должничките инструменти. Сопственичкиот капитал и реинвестирањето на добивката во 2024 година изнесуваа 569 милиони евра, што е раст од 38,4 проценти во однос на претходната година. Висок раст бележат и должничките инструменти, коишто ги опфаќаат средствата и обврските од и кон поврзаните претпријатија во странство, и тоа заемите на меѓусебно поврзаните субјекти, трговските кредити и аванси на меѓусебно поврзаните субјекти, како и средствата и обврските врз основа на останатите должнички инструменти на меѓусебно поврзаните субјекти. Оваа категорија е всушност и главен двигател на високиот раст на СДИ, со реализирани 686 милиони евра, износ кој е четири пати повисок во споредба со претходната година. Во најголема мера, растот кај должничките инструменти е резултат на должничките инструменти вложени од страна на странските директни инвеститори во домашните претпријатија во кои инвестирале, истакна министерката за финансии.
Најголем износ на СДИ од 256 милиони евра, додаде, се реализирани од Обединетото Кралство, при што речиси сите се во форма на должнички инструменти дадени од британските директни инвеститори во домашните претпријатија во кои инвестирале. Друга земја со забележително учество е Германија, која и покрај состојбата во нејзината економија и понатаму има висок интерес за инвестиции во Македонија, потоа следуваат Турција, Холандија, Австрија, Грција…
Најголем дел од странските инвестиции, како што истакна, се во производството, 408 милиони евра. Значително ниво на инвестиции било реализирано и во градежништвото, услугите и кај електричната енергија.
– Ваквиот тренд очекуваме да продолжи и во 2025 година. Инвестициите се нашата база на која ги креираме политиките за раст на економијата, која е основата за подобрување на состојбите во земјата, вклучително и стандаредот на граѓаните. Пред нас е многу работа, затоа што она што го наследивме бара многу напори и време за да се стабилизираат состојбите, нагласи Димитриеска-Кочоска.