Странски когенеративни централи не се решение за аерозагадувањето, велат Инженери на Македонија


Фото: Б. Грданоски

Инженери на Република Македонија, неформална група во која членуваат сите профили на инженери, денеска преку соопштение велат дека странски когенеративни централи не се решение за аерозагадувањето, иако, како што нагласуваат тие имаат економски придобивки.

„Категорично се спротивставуваме на ставовите на премиерот и Владата дека когенеративните централи се севкупно решение за аерозагадувањето. Овие централи можат да имаат одредени економски придобивки, но нивното промовирање како главно решение за загадувањето е неточно и погрешно насочено“, се вели во соопштението.

„Остануваме на ставот дека сите енергетски капацитети и потенцијали за соларни, ветерни, хидроцентрали, како и сите останати инвестиции во енергетиката, мораат да бидат домашни – македонски – државни! Странските инвестиции во енергетскиот сектор на македонска територија не можат да се сметаат за стратешки, ниту пак го зголемуваат енергетскиот суверенитет на нашата држава. Напротив, тие создаваат зависност и ја ограничуваат контролата на Македонија врз сопствените енергетски ресурси“, се нагласува во соопштението.

Според Инженери на Македонија, пристапот на Владата за решавање на аерозагадувањето со изградба на гасни когенеративни централи и соодветни системи за топлификација е едностран и застарен, бидејќи природниот гас не е еколошко гориво и емитува CO₂. Покрај тоа, неизвесноста за приклучување на доволен број потрошувачи на новите цевководни системи може да ги направи овие инвестиции промашени.

Како што се посочува, аерозагадувањето во нашата земја е резултат на загадувачки индустриски капацитети, неефикасни системи за греење, согорување на несоодветно исушено огревно дрво и неконтролиран сообраќај. Неправилното урбанистичко планирање дополнително го влошува проблемот.

„Решението треба да биде системско, долгорочно и современо – преку промоција на енергетски ефикасни системи за греење, развој на топлификацијата, но со зголемување на употребата на обновливи извори на енергија – геотермални извори, биомаса, отпадна топлина од индустријата и топлински пумпи. Потребно е и заострување на регулативите за индустријата и сообраќајот“, наведуваат од Инженери на Македонија.

Од таму додаваат дека очекуваат Владата да остане на ветувањата дека ќе се фокусира на развојот и поддршката на национални енергетски капацитети кои ќе бидат во служба на граѓаните и економијата на Република Македонија.

„Решенијата за аерозагадувањето мора да бидат засновани на реални и одржливи политики, а не на некакви интереси кои не се во корист на државата и нејзините граѓани. Ги повикуваме сите релевантни институции, експерти и јавноста да поддржат стратегија која ќе гарантира вистинска енергетска независност и чиста животна средина за сегашните и идните генерации“, се вели во соопштението до медиумите.

Инаку, како што се наведува на нивната интернет страница, Инженери на Република Македонија се неформална јавна група на социјалните мрежи. Во неа членуваат сите профили на инженери кои со конструктивна дебата сакаат да дадат придонес во развојот на техничко-технолошката состојба во Република Македонија. Во групата членуваат и лица кои не се инженери или кои не се од Македонија, но имаат идеи и размислувања со кои сакаат да влијаат на унапредувањето на енергетската независност и техничко-технолошкиот напредок на состојбите во Македонија.