Стотици парчиња оружје „уништени“ од Русија во Украина биле макети

Недостигот на оружје ја принудува украинската војска да биде инвентивна


Овој тенк е макета направена од пластични цевки

 

Руските власти постојано известуваат за уништување на украинската воена опрема, вклучувајќи ја и онаа што ја обезбеди Западот, во неверојатни размери. Сепак, многу од овие цели се макети специјално поставени на бојното поле.

Украина активно ги заменува хаубиците, тенковите, минофрлачите, радарите со макети за да ги принуди руските војници да фрлаат беспилотни летала, проектили и гранати, пренесува Си-Ен-Ен. Производството на макети го врши водечката украинска рударска и металуршка компанија „Метинвест“. „По секој удар, војската ни ги дава остатоците. Ако макетата е уништена, не работевме залудно“, изјави претставник на „Метинвест“ за Си-Ен-Ен. Во исто време, според него, колку побрзо се уништува макетата, толку е повисок квалитетот на производот: ако не се пука предолго, инженерите се враќаат по цртежите.

Руската војска веќе уништила многу стотици макети, вели претставник на „Метинвест“, а компанијата не може да ги исполни барањата на војската. Покрај тоа, таа мора брзо да го прилагоди производството. На почетокот, макетите беа прилично груби, а целта беше да се измами непријателот покажувајќи дека украинските вооружени сили се подобро опремени отколку што всушност беа. Испораките на западна опрема ја принудија компанијата да измисли нови начини за правење макети слични на прототипите, особено затоа што во Украина пристигнуваат сè покомплексни видови оружје.

„Војната е скапа работа и треба да ги принудиме Русите да трошат пари користејќи беспилотни летала и проектили за да ги уништат нашите макети. Дроновите и ракетите се скапи, но нашите модели се многу, многу поевтини“, објаснува претставник на „Метинвест“.

Така, хаубицата М777 со калибар 155 мм, која моментално се користи во Украина, е во служба во многу земји од НАТО, чини до 4 милиони долари, а „Метинвест“ ја прави макетата од обични канализациони цевки за 1.000 долари.

Украинците се обидоа да го доведат во заблуда својот помоќен непријател од самиот почеток на војната – па дури и пред неа. Во почетокот на февруари 2022 година, во пресрет на инвазијата, тие прераспоредуваа многу единици од нивните постојани локации, како и опрема, вклучувајќи тенкови, авиони, оклопни возила и противвоздушни батерии, изјави за магазинот на „Тајмс“ врховниот командант на вооружените сили Валериј Залужни: „Моравме да го натераме непријателот да помисли дека сите сме стационирани во редовни бази, пушиме трева, гледаме телевизија и пишуваме на Фејсбук“.

И до денес, недостигот на оружје ја принудува украинската војска да биде инвентивна. „Се обидуваме да го комбинираме борбеното искуство со воената итрина, да го измамиме непријателот, да измислиме нови стапици“, изјави командантот на специјалните сили Јуриј Микулјак за Си-Ен-Ен.

Руските лидери постојано ја преценуваа количината на уништената украинска опрема. На пример, во јуни 2023 година, секретарот на Советот за безбедност Николај Патрушев му пријавил на Владимир Путин дека од почетокот на контраофанзивата, Украинците изгубиле 246 тенкови, а министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека украинските вооружени сили претрпеле „значителни загуби“. Меѓутоа, во реалноста, за помалку од еден месец, украинските војници изгубија речиси шест пати помалку тенкови.

Во исто време, самиот Путин рече дека Русија уништила „пет комплекси Патриот“ во близина на Киев, иако Украина имала само два од нив.