Стоте дена на премиерот Талат Џафери

Мандатот на привремената влада почна со еуфоријата во ДУИ, со кулминација на албанофобијата во ВМРО-ДПМНЕ и во Левица, со откритието на албанската опозиција за опасноста од изборот на Албанец премиер


По утрото се познава денот какви ќе ни бидат стоте дена на привремената влада со премиер Албанец, чија најзначајна задача е да спроведе демократски, фер и веродостојни избори. Одбројувањето почна со триумфалистичките церемонии и еуфорија во ДУИ. Истовремено со изборот Албанец премиер се вжешти албанофобијата кај ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Силно одекна и шокантното откритие кај албанската опозиција во Европскиот сојуз за промени колку бил опасен изборот на Талат Џафери за Албанците. И конечно, пораките на српскиот свет и во Македонија на помпезната прослава на светосавска академија и обраќањето на претседателот на Србија Александар Вучиќ, најпопуларниот политичар во Македонија. 

Во едни други времиња по непишано правило владите и кај нас и во светот добиваа во првите сто дена од мандатот право на спокојна работа, без напади и критики од медиумите и во парламентите. Првите оценки се објавуваа по изминати сто дена. Како и многу други работи, оваа повеќе симболична отколку реална практика не важи. И добро е што не важи, особено кај нас владите немаат право ниту на еден ден поштеда бидејќи главно три исти политички партии со децении управуваат со државата. Во овие изминати 32 години независна држава СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, со малите сателити, коалициски партнери, формираа влади, или беа моќна опозиција. 

Но, што се случува со таканаречените пржински, или привремени влади кои имаат вкупно сто дена мандат. Најкратката оценка кажана со еден збор е циркус. Ќе се случува циркус, но не во комична поза кога на јавна сцена новите тазе испилени и старите министри ќе си удираат клоци како оние кловнови што изигруваат „глупи август” за да ги насмеат најмногу децата. 

Разликата е во тоа што кај циркуските кловнови зад маските се умни и вешти уметници на својот занает, а овие наши политички паљачовци кои станале пржински министри за една употреба и се кријат да не ги види публиката наликуваат на дибеци кои не` тераат и на смеење и на плачење, нешто како циркуска трагикомедија. Бегаат од колективно сликање на владата забивајќи ги главите како ноеви во песок, а ќе управуваат 100 дена со значајни министерства. Демек, сакаат да пратат порака: ние сме во владата, ама не сме со ДУИ и со СДСМ, туку сме дојдени по друга работа, да не добие јавноста погрешна претстава дека многу сакаат да бидат во власта. Тие се таму само поради една причина – во овие сто дена успешно да се вклопат во предизборната кампања откривајќи, или пакувајќи големи скандали на претходниците во своите ресори. Тој филм ќе го гледаме како здодевна реприза по трет пат. 

Ужасна драма полоша од Бугари во Уставот 

Но, што правиме со стоте дена на Талат Џафери. Како тоа ќе се поднесе цели три ипол месеци Албанец премиер на Македонија. Национална катастрофа. Господ нека ни е на помош. Се сервира ужасна драма за голема загриженост сто пати полоша од Бугари во Уставот.

Од една страна еуфорија и прослави Албанец станал премиер, макар и привремен пржински, извојувана е голема победа. Каква победа и над кого. Се пеат албански патриотски песни, триумфалистички церемонии, се примаат поздрави и честитки.

ДУИ слави како да го освоиле светот. Од друга страна кај ВМРО-ДПМНЕ по прочитаната и изветвена бугаризација и асимилација и лажното предавство на националните интереси и идентитетски посебности, повносна за предизборна кампања се покажа албанофобијата која дава одлични резулатати. Се вжештува на силен оган меѓунационалната омраза, затскриена со флоскулите немаме ништо против способните Албанци, ама овие од ДУИ, веќе се неиздржливи, ептен забегаа, станавме потстанари во сопствената држава што ќе каже знаменитиот лустратор и патриот Антонио Милошоски. Кај и да се свртиш неспособни Албанци на моќни позиции управуваат со Македонија поради предавството на СДСМ. Кога за националните македонски идентитетски интереси зборува Милошоски, го препознавам големиот патриотзам на Македонците толку да се сака ВМРО-ДПМНЕ. 

По преименувањето на Блаже Конески во Коњевич и по неговото прогласување за „џуџето од Небрегово” и по лустрација на Славко Јаневски писателот што го напишал првиот роман на македонски јазик и по лустрацијата на уште десетици македонски заслужни дејци и јавни личности, во која било земја на земјината топка тие политичари и таа партија која не се извинила за ваквите ужасни навреди на нешто свето, што навистина означува идентитет, одамна би биле избршани од политичката мапа на државата. Ама, ете, болниот патриотизам на Македонецот и големата љубов кон ВМРО-ДПМНЕ покорно простува се`, па и такви навреди и омаложување на дејците што ја задолжиле Македонија. 

И албанската опозиција удира под појас 

Од трета страна, албанската опозиција, именувана како Европски сојуз за промени дојде до големо откритие што се крие зад именувањето на Талат Џафери за премиер на Македонија. Тоа да ти било ништо друго, туку, голема закана за Албанците во Македонија. Со изборот на Џафери вклучен е алармот за опасност од обнова на малтретирањата на Албанците како во бившата социјалистичка и комунистичка Југославија. Значи, Талат Џафери е преставен како трет албански премиер, сакале да кажат трет функцинер, опасен наследник на Вулнет Старова кој во Социјалистичка Република Македонија е избран за претседател на Собранието, или како Синан Хасани – претседател на Претседателството на социјалистичка Југославија. 

Споредбата е да се прикаже Џафери како овие двајца Албанци кои наводно го поддржувале великосрпскиот хегемонизам. Вакви навреди за Вулнет Старова и Синан Хасани, одамна починати, искажани на овој монструозен начин во битките за власт во Македонија покажува каква жестока предизборна кампања не` очекува во која ниските удари ќе бидат жестоки и под појас како никогаш досега.

Само една мала споредба на личностите на Старова и Хасани со нивните откопувачи на гробови, ако сакате во научна, политичка, културна, или во било која смисла ќе открие најдолна подмолна манипулација. Тука има тешко обвинение и за Македонија, која несудените партнери на албанската опозиција во врвот на ВМРО-ДПМНЕ се прават дека не ја гледаат. Дали овие политичари од Европски сојуз за промени во Македонија препознаваат македонски хегемонизам сличен на српскиот. Ако така гледаат на именувањето на Талат Џафери за времен премиер дали таа опасност ја гледаат во ДУИ, во СДСМ или во ВМРО-ДПМНЕ.

И конечно, помпезната светославска академија на одбележување на Денот на српската заедница во Македонија, 27 јануари, на која беше присутна целата македонска политичка елита и од власта и од опозицијата и која со пораките искажани во говорите и со атмосферата се доби впечаток дека и Македонија припаѓа на таканаречениот српски свет, а некои веќе го нарекоа српско-руски свет. Традиционално добрите односи меѓу Македонија и Србија попримија нова димензија како да се воспоставени сега во ерата на владеење на претседателот Александар Вучиќ, а не како што е во екот на заедничкото живеење во иста држава повеќе од 80 години, поточно од 1941 – 1945 -1991 година. Некои тоа го сметаат како повеќе од сто години бидејќи ги бројат и годините по балканските војни и на Вардарска бановина по Букурешкиот мировен договор кои во историјата на Македонија се сметаат како години на српска окупација и поделба на географската територија на Македонија меѓу Грција, Бугарија и Србија. Само тој дел што припадна на Србија е денешната независна Македонија. 

Што означуваше политиката на еквидистанца 

Се разбира, неспорни се одличните односи меѓу српскиот и македонскиот народ што се покажаа како нераскинливи и во неколку кризни ситуации пред и по распадот на Југославија, во време на повлекување на ЈНА и потоа кога српската хегемонистичка политика и пропагандите против Македонија на Милошевиќ одеа до таму со заканите на радикалот Шешељ да се освои Македонија со една велосипедска српска дивизија, нешто многу слично на заканите на националистот Каракачанов, дадени во својство на министер за одбрана на Бугарија, како со еден инженерски бугарски полк ќе ги урне спомениците во Македонија посветени на жртвите од злоделата на бугарскиот фашистички окупатор.

Добрите односи меѓу Србија и Македонија кои се базираат на долгодишно пријателство не успеаја да ги нарушат националистичките закани, иако во одреден период предзивикаа штети и ги наострија српските и македонските радикали. Но, за да не дојде до вакви ситуации треба да се земаат секогаш предвид заложбите на првиот претседател на Република Македонија Киро Глигоров со неговата доктрина на подеднакво добри односи со сите соседи. Тоа е таа политика на еквидистанца што погрешно беше протолкувана како политика на дистанца од соседите што беше жестоко критикувана во еден долг период. 

Веќе од подамна е јасно дека и натаму најголемиот проблем на македонската дипломатија и воопшто на македонската политика е лажниот патриотизам и агресивната кампања преку разни форми што не дозволува да се изградат подеданакво добри односи ни со соседите, ниту пак со другите делови од народи што живеат во Македонија. Ако нема стабилна држава и добри внатрешни односи, не е можна ни успешна дипломатија. 

Изборот на пржинската техничка примвремена влада и на премиер Албанец, одбележувањето на светославската академија покажаа колку е се` уште кревка македонската демократија. Сведоци сме на еуфоричен вознес кај ДУИ, албанофобија кај ВМРО-ДПМНЕ и Левица, опасност од изборот на Талат Џафери кај албанската опозиција и препознавање на добрите односи меѓу српскиот и македонскиот народ како припаѓање на Македонија на српско-рускиот свет што во Бугарија и меѓу Албанците се гледа со голема загриженост. А, сето тоа нереално и многу штетно исфорсирно во сите четири случаи како лоша и опасна предизборна кампња кај нас, а во Србија како постизборно одвлекување на вниманието од сериозните критики и превирања поради многу слични нерегуларни избори како од времето на Никола Груевски со увозот на гласачи Македонци, жители на Албанија.

Истите методи беа применети и во Србија со таа разлика што таму дојдоа илјадници гласачи од Босна, од Република Српска, со подготвени лични документи по стотина луѓе на иста адреса во Белград и во други српски општини.

Ете, тоа се навестувањата за стоте дена на привремената пржинска влада и за предизборната кампања која не престанала 32 години само што редовно се засилува до точка на вриење пред избори. По изборите следува поделбата на власта со елегантно бришење на плуканиците од образите по неочекуваните коалиции за наивните.

(Линк до текстот во Дојче веле овде)