Стопанската комора преминува кон онлајн конференции 


Стопанската комора на Македонија го приспособува целосно работењето кон новата ситуација наметната од корона вирусот и преминува кон одржување онлајн конференции и други настани. 

За таа цел комората набави опрема и се претплати на еден од најквалитетните онлајн софтвери за видео-конференциски врски што обезбедува стабилна конекција за голем број учесници и истовремено организирање на повеќе настани, соопштија од оваа асоцијација на стопанствениците.

„Преку примена на софистицирани дигитални технологии продолжуваме со континуирана организација на настани, состаноци, конференции, бизнис-форуми, прес-конференции и едукација, а со тоа и во остварувањето на целите на нашето постоење“, вели Анета Трајковска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија. 

Првата онлајн обука ќе се организира утре, во соработка со Управата за јавни приходи на тема: „Поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од Ковид- 19. Обуката преку виртуелна училница ќе се изведува во живо и вклучува целосна интеракција на учесниците. 

„Можеме да очекуваме дека по завршувањето на пандемијата корисничките навики можеби и ќе се променат и дигиталната услуга ќе стане приоритет во секојдневното работење и живеење на сите нас“, вели Трајковска.