Стопанска банка Битола лани со нето-добивка од 16,97 милиони денари
Стопанска банка а.д. Битола минатата година ја заврши со нето-добивка од 16,97 милиони денари, за 9,33 отсто повеќе од планираното, покажуваат финансиските резултати на банката за 2019 година доставени до Македонската берза.
Нето-приходите од камати за 2019 година изнесуваат 291,74 милиони денари, што претставува остварување на планот од 92,57 отсто и се должи на општиот тренд на намалување на каматните стапки.
Нето-приходите од провизии и надоместоци се повисоки за 2,08 отсто споредено со
претходната година. Зголемувањето пред сѐ произлегува од картично работење и
кредитирање, а реализација е повисока од планираната за 9,91 отсто.
Нето-приходите од курсни разлики и останатите приходи од дејноста се одржани
на стабилно ниво, без поголеми промени на годишна основа. Остварувањето во овие
позиции го надминува планот за 8,36 отсто односно за 17,05 отсто.
Исправката на вредноста на финансиските средства, на нето-основа, е помала
споредено со претходната година за 18,61 отсто, што се должи на активностите за наплата на дел од побарувањата, зголемено кредитирање на секторот домаќинства што традиционално носи пониско просечно ниво на ризик, како и процените за квалитетот на кредитното портфолио на правните лица.
Лани не беше исплатена дивиденда за 2018 година.
Банката во текот на 2019 година ги зајакнала активностите за продажба на дел од преземениот имот, што резултираше со ослободување на загубата поради оштетување на нефинансиските средства, на нето-основа во износ од 16,93 милиони денари.
Трошоците за вработените бележат намалување од 1,64 отсто споредено со
претходната година, додека планот за анализираниот период кај оваа позиција е
остварен со 93,38 отсто. Останатите расходи од дејноста се пониски за 2,62 отсто, што главно е резултат на резервирања за потенцијални обврски за судски спорови во 2018 година, што не беше случај во 2019 година. Планот во оваа позиција е реализиран со 106,35 отсто.
Во периодот што следува банката очекува стабилно макроекономско окружување,
умерено забрзување на економскиот раст во согласност со проекциите на Народната
банка од околу 3,8 отсто при очекувана стапка на инфлација од околу 2 отсто до крај на 2020 година. Кредитирањето на ниво на банкарски систем би пораснало за околу 8 отсто, додека подинамичен раст од околу 8,5 отсто би имале депозитите.