Столтенберг в недела во посета на Албанија
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг в недела ќе допатува во Тирана, само неколку часа пред најавениот седми по ред „национален протест“ на обединетата албанска опозиција.
Иако ден претходно, беше објавено дека Столтенберг ќе оствари средба само со албанскиот премиерот Еди Рама пред да отпатува за Скопје, албанските медиуми денеска тврдат дека тој ќе се сретне и со шефот на државата Илир Мета.
Според најавите, во фокусот на разговорите ќе биде регионалната безбедност, но и актуелната политичка состојба во Албанија, која годнава одбележува 10 години од членството во НАТО.
Како што јави дописничката на МИА, посетата на генералниот секретар на НАТО доаѓа во време кога политичката клима во Албанија е напната, при што партиите го замрзнаа дијалогот и наместо тоа меѓусебно се критикуваат и напаѓаат.
Во такви услови, владејачкото мнозинство утре официјално ја започнува изборната кампања за локалните избори на 30 јуни, додека опозицијата категорично тврди дека избори нема да има на тој датум.