Столтенберг: НАТО ќе продолжи да ги поддржува авганистанските сили


НАТО ќе продолжи да ги поддржува авганистанските сили, вети денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг по средбата со државниот секретар на САД, Мајк Помпео, среде напорите на САД да постигнат мировен договор со талибанците.

– НАТО целосно ги поддржува напорите да биде постигнат мир во Авганистан. Ги осудувам неодамнешните напади и НАТО останува ангажирано да ги поддржува авганистанските сили, напиша Столтенберг на Твитер по разговорите со Помпео во Брисел.

САД и талибанците повеќе од една година преговараат за наоѓање политичко решение за 18-годишната војна во Авганистан.

Минатата недела американскиот претседател Доналд Трамп истакна дека Вашингтон ќе намали речиси половина од бројот на американските војници во Авганистан, до 8.600 лица, доколку договорот биде финализиран.

Според претставник на Алијансата, Столтенберг и Помпео разговарале, исто така, и за напорите на Вашингтон да се зголемат европските трошоци за одбраната во рамки на НАТО, како и подготовката за средббата на врвот на НАТО во декември во Лондон.

Помпео синоќа пристигна во Брисел и се сретна со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Тој денеска се очекува да се сретне и со идниот претседател на Европскиот совет Шарл Мишел, претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли и со идниот шеф на европската дипломатија Жозел Борел.