Столтенберг и „централата” на НАТО денеска и утре во Скопје
„Централата“ на НАТО денеска и утре од Брисел ќе се пресели во Скопје. Во земјава покрај генералниот секретар Јенс Столтенберг, доаѓа и целиот Северноатлантски совет (НАК) во кој се амбасадорите на сите земји членки на Алијансата.
Столтенберг и НАТО амбасадорите се очекува доцна попладне да пристигнат на „Меѓународниот аеродром Скопје“, каде е предвиден свечен пречек, по што ќе се упатат во Собранието.
Со највисоки државни и воени почести утре високите претставници на НАТО ќе бидат пречекани во Владата на Република Северна Македонија.
Тие ќе имаат средби со државниот врв во врска со процесот на пристапување на земјата во Алијансата, како и за напредокот во реформите.
Во рамки на посетата ќе се одржи заеднички состанок на НАК со Комитетот за интеграција во НАТО, со кој претседава премиерот Зоран Заев.
Столтенеберг и високите претставници на НАТО доаѓаат во прва посета на Скопје по потпишувањето на протоколот за членство на земјата во Алијансата.
Од февруари кога е потпишан Пристапниот протокол за членство на земјава во НАТО, досега го имаат ратификувано 14 земји – членки. Очекувањата се во јуни да влезе во процедура и во САД и да заврши оваа есен. Ратификацискиот процес, заеднички оценуваат надлежните, може да заврши и пред Самитот на Алијансата закажан во декември во Лондон.
Во интервју за МИА, непосредно пред посетата на нашата држава, генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, порача дека Алијансата е подготвена да ѝ посака добредојде на земјава во евроатлантското семејство.
И неговата оценка е дека ратификацијата на претпристапниот протокол добро напредува. Кога сите сојузници ќе го ратификуваат пристапниот протокол, Северна Македонија ќе стане триесетта членка на Алијансата.
– За време на посетата на Северноатлантскиот совет, очекувам да разговараме за интеграцијата на Северна Македонија во Алијансата и вашиот напредок во главните реформи, вклучително и владеењето на правото, безбедноста, разузнавачкиот и одбранбениот сектор. Важно е да се продолжи чекорот во реформите додека се подготвувате за полноправно членство, а ние ќе продолжиме да ве поддржуваме на овој пат, вели Столтенберг во интервјуто за МИА.
Членството во НАТО, истакна, ќе донесе поголема безбедност и просперитет за сите луѓе во Северна Македонија.
– Ќе земете учество во развојот на политиките на НАТО. Вашиот глас ќе биде исто важен колку секој друг сојузник во носењето на одлуките кои треба да ги сочуваат безбедноста и просперитетот на нашите земји. Безбедноста е основа на просперитетот. Всушност веќе видовме дека странските инвестиции се зголемени за три пати во изминатата година. Вашето членство во НАТО ќе придонесе за безбедноста на Западниот Балкан и на целиот евроатлантски регион. Тоа докажува дека напорната работа, реформите и посветеноста се исплатливи и дека вратите на НАТО остануваат отворени, порача генералниот секретар на НАТО.