Столтенберг: Финска добива „железна гаранција за безбедност“
Финскиот министер за надворешни работи Пека Хависто претходно денеска во Стејт Департментот во САД го депонираше инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор, со што Финска станува 31. земја-членка на Алијансата.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг го опиша пристапувањето на Финска во западната одбранбена алијанса како „историски ден“. Членството на Финска ќе ја направи земјата „побезбедна, а НАТО алијансата посилна“, рече Столтенберг пред состанокот на министрите за надворешни работи на организацијата.
Столтенберг го повтори својот став дека влезот на Финска во НАТО покажува дека политиката на рускиот претседател Владимир Путин да го запре проширувањето на алијансата пропаднала.
– Правилото еден за сите, сите за еден сега ќе важи и за Финска, додаде Столтенберг.
Зборувајќи за процесот на ратификација на шведската апликација за членство, тој вети дека ќе работи напорно на нејзино финализирање и најави нова средба со претставниците на Турција, Финска и Шведска.
На почетокот на дводневниот собир, министрите за надворешни работи на НАТО ќе се сретнат со украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и ќе разговараат за натамошната поддршка на воената алијанса за Украина.