„Стокомак“ наскоро отвора продавници во пет градови низ Србија

Еден од најголемите македонски трговски синџири „Стокомак“ наскоро и официјално влегува на српскиот пазар.
Како што истакнаа од компанијата „Стокомак“ за порталот Retail Serbia, првата фаза на проширување предвидува отворање на модерни дисконти во Пирот, Ниш (потегот кај Ново Село), Параќин, Лесковац и Панчево, а компанијата е во финални преговори за уште неколку локации. Тие додадоа дека на клиентите во Србија ќе им понудат широк асортиман од околу 1.200 артикли во постојана понуда.
„Планот е првиот објект да се отвори на крајот на март – почетокот на април, во зависност од динамиката – брзината на подготовка на просториите и решавање на документацијата, а потоа би отвориле нови капацитети во интервали од две до три недели“, соопштуваат од компанијата.
Малопродажниот синџир „Стокомак“ е основан во 1997 година и моментално работи на повеќе од 70 локации низ Северна Македонија. Трговецот на мало нуди широк спектар на прехранбени и непрехранбени производи по попустни цени.