„Изразуваме протест против политиката на свртување на бугарските граѓани против Македонија и Македонците и против македонското малцинство во Бугарија,  блокирањето на европската интеграција на Република Македонија,  влошувањето на односите меѓу двете земји и народи како последица на антимакедонската политика што ја води бугарската држава. Изразуваме протест поради  изјавите кои се граничат со фашизам на претседателот на Бугарија Румен Радев и други бугарски политичари и државници против македонската нација и држава“, рече Стојков.

Тој потоа ги изнесе барањата кои се децениски, а се однесуваат на националните и човекови права.

„Јасно бараме бугарската држава да ги почитува правото, науката и вистината и да ја прифати реалноста на македонската нација, малцинство, јазик, историја и идентитет и да стави крај на политиката на присвојување, асимилација и дискриминација кон македонската нација во принцип и кон македонското малцинство на својата територија“, порача Стојков.

Македонското малцинство сакаше да отвори клубови во градовите каде што живеат Македонци, но тоа беше спречено а директно се вклучија и државните институции.   

„Па видете, има цела кампања за да се спречи отворање на македонски клубови. Така се случи и во градот Гоце Делчев. Се спремавме да отвори втор клуб во Бугарија, меѓутоа во последен момент, пред самото отворање, откако претходно се стиснати рацете, сопственикот се откажа во последен момент. Знаете ги притискаат, ги плашат “, тврди Стојко Стојков, претседател на ОМО „Илинден“ Пирин.

Делегација на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, предводена од лидерот Васил Стерјовски учествуваше на чествувањето за Јане Сандански.
 
– Почитувани браќа и сестри Македонци и Македонки. Чест и задоволство ми е што сум повторно со вас на денешното традиционално семакедонското одбележување на 108-годишнината од убиството на великанот на македонското револуционерно движење Јане Сандански, рече на почетокот од обраќањето Стерјовски.
 
Ви носам, додаде, најсрдечни поздрави и поддршка од Македонците во Албанија за „вашата борба за национални и човекови права”.
 
-Вам од се срце ви се поклонувам што сте вистински Македонци, што се борите за вашите човекови права во Бугарија, што организирате вакви настани за да ја негувате и сочувате македонштината и за да не ги заборавиме синовите што се бореле и гинеле за Македонија, нагласи тој.
 
Додаде дека Јане Сандански, со „своето револуционерно дело и саможртвата што ја даде за слободата на Македонија, зазема значајно место во колективната меморија на Македонците”. Тој бил чувар на Гоцевите идеали и е најистакнатата национална фигура во Пиринскиот крај и загина како што живееше, како херој. 
 
Според него, девизата на пиринскиот цар  „Да живееш – значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот за совршенство” останува како порака за сите нас. 
 
Неговата револуционерна борба за ослободување на Македонија, посочи Стерјовски,  и неговата вера во слободата и правдата не поттикнува да продолжиме со нашата борба за слобода и национални права во државите каде што живееме.
 
– Од овде, од гордиот Пирин порачуваме, ние сме Македонци, наш мајчин јазик е македонскиот јазик, ја сакаме и државата Македонија, бидејќи сме нераскинлив и неотуѓив дел од македонскиот народ. Од институциите на Република Македонија бараме да се грижат за Македонците во соседните земји како што сите држави на Балканот и Европска Унија се грижат за своите малцинства, порача Стерјовски.
 
Ја поздравуваме, кажа тој, неодамнешната средба меѓу македонскиот министер за правда со Стојко Стојков каде разговараа за „положбата на Македонците во Бугарија и не-имплементацијата на пресудите од Европскиот суд за човекови права од страна на Бугарија и се надеваме дека ваквите средби со институциите на Република Македонија ќе продолжат и во иднина”.
 
– Се залагаме за потпишување меѓудржавни договори на земјите во регионот за почитување на малцинствата на реципроцитетна основа, каде малцинствата ќе се гледаат како мост на соработка помеѓу државите. Нека е вечен споменот за Јане Сандански и нека се сеќаваме на неговата револуционерна борба, како на инспирација за нашите битки, и да продолжиме да се бориме за слобода и национални права. Вечна му слава на Пиринскиот Цар, рече во обраќањето Стерјовски.