Стојанче и се закануваше со пиштол, ја уценуваше Ивана, бараше 30.000 евра за делот од станот
На денешното судење против Стојанче Јовановски обвинет за тешко семејно насилство кое заврши фатално по животот на неговата жена и ќерка, сведочеше и братот на Ивана, Александар Стојановски.
Тој ги разјасни сите дилеми околу наследството. Семејството вклучувајќи ја и Ивана се договориле, по смртта на таткото, имотот да го поделат подеднакво. Но, кога требало да се заврши работата на Нотар, таа не доаѓала, а семејството добивало чудни пораки сомневајќи се дека ги праќаа таа, туку дека им пишува Стојанче, па така оставинската постапка била прекината.
– Ѝ реков дека треба да завршиме, да не се оддолжува процесот, а во порака добив одговор дека таа преку суд ќе среди сите еднакво да ги добиеме деловите, дека не може вака и дека ќе се слушнеме преку адвокати. Дека Ивана треба да ја земе колата од татко ми. Така сфатив дека тоа го пишува некој друг, затоа што сестра ми веќе знаеше дека ќе го поделиме имотот на 4 дела, а колата ќе ја земе мајка ни, а пораките беа како некој прв пат да слуша за тоа. Ова ми дојде многу сомнително – рече Александар и откри дека дента кога требало да одат на нотар, Ивана не дошла, но Стојанче му се јавил и му се заканувал дека ќе го запали имотот на мајка им.
Братот на Ивана уверуваше во судницата дека куќата била секогаш отворена за Ивана, тој лично и финансиски и помагал, а знаел и за заканите и уцените од Стојанче. Преку телефон не комуницирале, туку само физички бидејќи обвинетиот ја контролирал цело време. Целосно се одвоила од семејството кога пред Нова Година се вратиле со Катја да живеат со Стојанче.
– Кога Стојанче беше фатен со дрога Ивана, на наше чудење, реши да се врати со Катја кај него дома. Тоа не можевме да го разбереме – рече Александар во судницата.
На прашањето од обвинителката за дарот од станот што му го препишала, сведокот кажа оти се сомнева во тоа.
-Ивана ми кажа дека се сомнева дека има направено фалсификат и оти без нејзина согласност го префрлил станот на свое име. Ивана не била на нотар. Ова го знаеше и адвокатот што го ангажираше нашиот татко. Таа рече дека има доказ и дека ќе му го даде на адвокатот, ама тоа не се случи. Рече дека има и дополнителни докази за некои активности на обвинетиот во нејзиниот телефон и дека се плаши. Ѝ реков да ги извади од телефонот, да ги стави на УСБ и да ни ги даде на мене и на адвокатот, оти од тој момент сериозно се загриживме за неа – сведочеше братот на Ивана кој кажа дека сестрата се доверила дека Стојанче им се заканува дома со пиштол.
За сведокот Мартин Саздов кажа дека многу им помогнал. Искрено се надевал дека сестра му ќе се разведе од обвинетиот.
– Како брат почувствував потреба да го довршам тоа што го почна татко ми и се активираше барањето за развод, а Катја и Ивана да останат кај мајка ми во станот.
Ивана ни кажа дека Стојанче ѝ се закнувал дека ќе ѝ го земе станот. Ѝ побарал 30.000 евра да го исплати и да си оди. Сестра ми побара да ѝ помогнам. Се согласив, ѝ реков дека тоа треба полека да го решиме, ама мора да бидеме сигурни дека нема да биде измамена, парите да ѝ се земат и ништо друго да не се случи – рече Александар.