Стојанче Ангелов и поглаварот на ИВЗ го осудија скандирањето „УЧК“


Заедничка осуда на радикализмот и национализмот, како и на неодамнешното скандирање „УЧК УЧК” и „голема Албанија“ е нешто околу што се согласиле првите луѓе на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов и Екрем Зендели со поглаварот на ИВЗ Шаќир Фетаху на средба што се одржа во Ријасетот, информираат од ЦУК.

Како што извести Центарот за управување со кризи (ЦУК), Ангелов и Зендели му искажале признание на поглаварот за неговиот авторитет и позитивно влијание кај сите граѓани, а во разговорот, како што е наведено, тројцата соговорници постигнале согласност дека е важно да продолжи процесот на помирување меѓу дел од Македонците и дел од Албанците.

Согласност е постигната и дека е потребно да продолжат напорите за искоренување на меѓуетничкото насилство кај младите, но и да не наседнуваат на повиците на омраза.

Во соопштението е наведено дека согласност е постигната и во осудата на случаите на радикализам и национализам, „како на пример, неодамнешното скандирање УЧК-УЧК и Голема Албанија на каков било митинг, протест или настан, бидејќи тоа директно го дефокусира вниманието од целта на настанот, од протестирањето и ја подгрева меѓуетничката нетрпериливост и омраза”.

На средбата, „претседателот на ИВЗ, Реис ул Улема Х. Хфз. Шаќир еф. Фетаи го изрази своето задоволство од добрата соработка што ја имале со сите официјални претставници на државата, а сега и со Центарот за управување со кризи. Тој посочи дека секој радикализам е штетен и за верата и за државата и дека треба со зеднички напори да се настојува за мир и соживот, а особено да се реализираат и активности во правец да не се дава легитимитет на радикални групации. Едноставно, тој посочи дека добриот човек е добар човек, без разлика на неговата вера и нација”, се вели на крајот од соопштението од ЦУК.