Стоилковски: Заев треба да побара оставка од Курто Дудуш


Фото: Б. Грданоски

Зоран Заев наместо да побара оставка од Курто Дудуш, тој вчера побара да ја слушнел другата страна од приказната, зошто и дали имало оправдана причина некој да биде незаконски затворен,  тепан, измачуван и навредуван од Дудуш, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

„Па зарем постои доволно добра причина и оправдување човек да биде повикан и бесправно лишен од слобода во градоначалнички кабинет, а потоа измачуван , тепан и навредуван со најпогрдни зборови“, рече Стоилковски.

Опозицијата обвини дека Зоран Заев во случајот со Дудуш докажал дека е носител на криминогеното и насилничко однесување на власта.

„Тој е поддржувач, одобрувач и заштитникот на сето тоа. Одговорност за овој случај како и за многу други пред тоа ќе има, кога Зоран Заев ќе падне од власта и кога ќе се ослободат и полицијата и обвинителството од партиските стеги.
За жал тоа е менталната матрица на еден аболициран криминалец како што е Зоран Заев. Тој ќе искине и железни опинци само за да го заштити, поддржи и поттикне криминалот и беззаконието на своите партиски пулени“, рече Стоилковски.