Стејт департментот ги прогласи Хутите за странска терористичка организација


Стејт департментот денеска го прогласи владејачкото шиитско движење во северен Јемен, Ансар Алах (Хути) за странска терористичка организација, соопшти американскиот државен секретар Марко Рубио.

Рубио рече дека со ова е исполнето едно од првите ветувања на американскиот претседател Доналд Трамп по преземањето на функцијата, соопшти Стејт департментот.

Тој потсети дека Трамп во извршната наредба рекол дека „активностите на Хутите ја загрозуваат безбедноста на американските цивили и персонал на Блискиот Исток“, безбедноста на американските „најблиски регионални партнери и стабилноста на глобалната поморска трговија“.

– Од 2023 година, Хутите извршија стотици напади врз комерцијални бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив, како и врз припадниците на американската војска кои ја бранат слободата на пловидба и нашите регионални партнери. Неодамна, Хутите ги поштедија бродовите под кинеско знаме додека гаѓаа американски и сојузнички бродови. Одделно, САД нема да толерираат ниту една земја која се поврзува со терористички организации како што се Хутите во име на практикување легитимен меѓународен бизнис, нагласи Рубио.

Според него, акцијата што денеска ја презеде Стејт департментот ја покажува посветеноста на администрацијата на Трамп за заштита на американските национални безбедносни интереси, „безбедноста на американскиот народ и безбедноста на САД“.

– Терористичките ознаки играат клучна улога во нашата борба против тероризмот и се ефикасен начин за намалување на поддршката за терористичките активности, заклучи Рубио.

Тој додаде дека американското Министерство за правда денеска објавува понуда за награда во износ до 15 милиони долари, вклучително и можно преместување на поединци, кои би дале информации што би довеле до нарушување на финансиските механизми на Ансаралах-Хутите.