Стејт департмент: Властите во Софија продолжуваат да не ги регистрираат македонските здруженија


Во текот на годината немаше значителни промени во состојбата со човековите права во Бугарија, оценува Стејт департментот во штотуку објавените извештаи за човековите права. 

„Значајните прашања за човековите права вклучуваат веродостојни извештаи за: тортура или сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување од страна на владата или во име на владата; сериозни проблеми со независноста на судството; сериозна владина корупција; злосторства, насилство или закани за насилство мотивирани од антисемитизам; и злосторства кои вклучуваат насилство или закани за насилство насочени кон лезбејки, геј, бисексуалци, трансродови, квир или интерсексуални лица“, посочува Стејт департментот.

Околу правата на малцинствата во земјата, Стејт департментот оценува дека властите продолжуваат да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединета македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци во Бугарија-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за заштита на основните индивидуални човекови права 2023 година и Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“.

„И покрај бројните претходни одлуки на Европскиот суд за човекови права дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите, во февруари Окружниот суд во Пловдив ја потврди одлуката на Агенцијата за регистрација со која се одбива регистрацијата на Обединетата македонска организација Илинден-Пловдив со образложение дека целите на групата, вклучително и официјалното признавање на македонското етничко малцинство, биле насочени кон поделба на нацијата и ќе создадат услови за етнички конфликт. Во мај, Апелацискиот суд во Пловдив ја потврди одлуката на понискиот суд“, се спосочува во извештајот.

Во делот за дискриминација односот кон Македонците во Бугарија не се споменува и фокусот е главно на правата на Ромите. Во него стои  дека имало законски обиди да се заштитат  сите граѓани од дискриминација врз основа на раса, етничка припадност или националност и дека тој  предвидува строги казни за злосторства на расна или етничка основа, со убиство до доживотна затворска казна, повреда до 15 години затвор, толпа напад до шест години затвор и насилство и поттикнување на дискриминација до четири години затвор. Расната или етничката дискриминација во вработувањето, образованието и другите општествени области може да се казни со скромна парична казна, но Владата не го спровела законот ефективно.

„Општествената нетолеранција кон малцинските групи опстојуваше и се манифестираше во честа социјална дискриминација врз Ромите и етничките Турци. Политичките и владините актери понекогаш одобруваа или поттикнуваа дискриминација. Властите често одбиваа да издаваат документи за лична идентификација на Ромите, а имаше повеќе веродостојни извештаи за оневозможување на пристап на Роми до јавните базени. Медиумите често ги опишуваа Ромите и другите малцински групи користејќи дискриминаторски, омаловажувачки и навредлив јазик, истакнувајќи ги случаите во кои Ромите наводно извршиле злосторства. Националистичките партии како Внатрешната македонска револуционерна организација-Бугарско национално движење (ВМРО-БНД) и Вазраждане рутински прибегнуваат кон антиромски и антисемитски пароли и реторика. Невладините организации идентификуваа севкупен пораст на појавата на говор на омраза и злосторства од омраза, особено против ромската заедница.

Во јули, Комисијата за заштита од дискриминација изрече казна од 1.000 лева (540 американски долари) на ВМРО-БНД во врска со стотици написи групирани на веб-страницата на партијата под делот наречен „Циганско прашање“ и заклучи дека публикациите „изобилуваат со говор на омраза, дека создаваат чувство на непријателство меѓу Бугарите и Ромите“ и може да поттикне насилство врз Ромите. Комисијата, исто така, ја задолжи ВМРО-БНД да се воздржи од публикации кои создаваат предрасуди кон одредени етнички групи.

Во август локалната администрација во Софија сруши повеќе од 50 неформални куќи во населбата Орландовци, оставајќи ги нивните жители Роми без покрив над главата, без алтернативно сместување. Според БХЦ, властите не успеале да ја проценат ранливата ситуација во која би западнале иселените и одбиле да им дадат поддршка, стои во извештајот.