Стејт департмент: Сите тврдења за мешање на САД во протестите во Србија се лажни


Американскиот Стејт департмент објави дека секое тврдење дека САД се мешаат во протестите во Србија, или дека поддржуваат протестни движења насочени против Владата на Србија, е лажно.

„Не сме изненадени што Русија, од друга страна, ги инструментализираше протестите за да ја постигне својата агенда во Србија, како што тоа го прави ширум светот“, се вели во одговорот на Стејт департментот за Радио Слободна Европа (РСЕ) на 17 август.

Реакцијата на САД следеше откако претставници на властите во Србија обвинија неименувани западни земји дека ги поддржуваат еколошките протести против ископувањето на литиум, каде што се собраа десетици илјади граѓани во последните недели.

 

И Кремљ упати обвинувања кон Западот дека тие стојат зад протестите во Србија, а вицепремиерот Александар Вулин им се заблагодари на руските безбедносни структури во Москва „за предупредувањето за подготовка на масовни немири и обид за државен удар“.

Стејт департментот вели и дека ставот на САД за Александар Вулин е „добро познат“. Тој е под американски санкции од јули 2023 година, меѓу другото, поради неговите врски со Кремљ.

Повод за неодамнешните масовни протести во Србија е најавата за отворање рудник за литиум од страна на меѓународната компанија „Рио Тинто“ во долината на реката Јадар на западот од земјата – поради стравот на дел од граѓаните дека проектот може да има негативни последици за животната средина.

Во својот одговор до РСЕ, Стејт департментот оценува дека мирниот протест и правото на граѓаните да демонстрираат и слободно да зборуваат се важен дел од демократијата.

Тие потсетуваат и на ставот на американските функционери дека „на српскиот народ и нивните избрани лидери“ треба да одлучат што понатаму со ресурсите на литиум.

„Сметаме дека ова ѝ дава на Србија исклучителна можност, под услов да се почитуваат еколошките стандарди и најдобрите светски практики. Ова е одлука што треба да ја донесе Србија“, заклучува Стејт департментот.

Проектот за ископ на литиум во Србија беше поддржан од САД и Европската унија, а во присуство на германскиот канцелар Олаф Шолц, Србија на 19 јули во Белград потпиша Меморандум за критични суровини со ЕУ.

Документот го предвидува целиот производствен синџир – од ископ на литиум во рудникот „Рио Тинто“ во Јадар, до производство на акумулатори за електрични возила.

По протестите на десетици места во Србија, најголемиот собир против ископувањето на литиум беше во Белград на 11 август. Протестот помина без поголеми инциденти. По блокадата на една од железничките станици во градот, уапсени беа тројца активисти, кои беа обвинети за нарушување на јавниот ред и мир. Тие биле пуштени да се бранат од слобода.