Стејт департмент: Разговорите во Осло да се фокусираат на повлекувањето на Мадуро
САД – Започнатите во Осло дискусии меѓу претставниците на венецуелскиот претседател Николас Мадуро и пратеници на лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо, поддржан од САД, треба да се фокусираат само на повлекувањето на претседателот социјалист, соопшти Стејт департментот.
-Како што досега многупати сме нагласувале, САД сметаат дека единственото за кое треба да се преговара со Николас Мадуро, се условите за неговото заминување, изјави портпаролката на Стејт департментот, Морган Ортегас.
Откако претходните напори за преговори пропаднаа, бидејќи режимот ги користеше да ја дели опозицијата и да добива на време, се надеваме разговорите во Осло ќе се фокусираат на повлекувањето на Мадуро како предуслов за какви било понатамошни чекори, рече Ортегас.
Владата на Трамп неколку пати соопшти дека исклучува дијалог со Мадуро, чија земја преживува тешка економска криза.
Сепак, Норвешка успеа да организира разговори меѓу соратници на венецуелскиот претседател и претставници на Гуаидо, кој се самопрогласи за привремен претседател и е признат од САД и над 50 земји.
Канадскиот министер за надворешни работи Кристија Фриланд вчера соопшти дека групата од Лима (13 латиноамерикански земји и Канада), која ја поддржува опозицијата во Венецуела, се собира на 6 јуни на средба во Гватемала.