Стефоска: Со директорите на заводите и музеите остануваме доследни за максимална грижа во заштитата на културното наследство

Министерката за култура Ирена Стефоска денеска на онлајн состанокот со директорите на заводите за заштита на спомениците на културата и музејските институции во земјава, посочи дека заедно со директорите ќе останат доследни за максимална грижа во заштитата на културното наследство.
Како што соопштија од Министерството за култура, на состанокот се разговарало за активностите на овие институции, за потребите и проблемите со кои се соочуваат во текот на работата, како и за инвестициите и проектите кои треба да се реализираат до крајот на годинава.
Беше посочено дека институциите се соочуваат со проблеми од инвестициски карактер, недостиг од простор и техничка опременост, како и недостиг од технички и административен стручен кадар.
На средбата станало збор и за активностите за реализација на проектите за кои се обезбедени средства од Министерството за култура како: конзервација и реставрација на фасадите на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола, за конзервација и реставрација на ентериерот на Мехмед Ефенди – Јени џамија во Битола, за првата фаза од проектот за конзервација и реставрација на sидното сликарство во црквата „Св. Димитрие“ во село Градешница Мариово.
Исто така, и за тековно одржување и санација на оштетените делови од музејскиот комплекс Музеј на вода, реконзервација, реставрација и поставување на покривна конструкција на средновековната црква „Св. Четириесет маченици“ во селото Банско – Струмица, за реализација на проект за конзервација и реставрација на архитектурата и живописот на црквата и трпезаријата во манастирот ,,Успение на Пресвета Богородица” – Трескавец, Општина Прилеп како и за Чарши џамијата, реализација на веќе изготвен основен проект со сите неопходни фази: архитектура, статика, машинство, водовод, електрика и партерно уредување, како и ППЗ и ХТ3.
Се зборувало и за заштита на објектот „Куќа на Лазар Личеноски“ во Скопје, конзервација, реставрација и реконструкција и археолошки доистражувања на објектот Римски театар во Стоби, замена на кровен покривач на објектот сарај ,,Нијази бег“ во Ресен и други проекти.
Министерката била информирана за проектите што се поддржани во програмата за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на инвестициско и тековно одржување на објектите.
–Во тој контекст беше истакнато дека во Годишната програма за инвестиции за 2021 година се издвоени средства за изградба на „Стар театар“ во Струмица, чиј носител на проектот е Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од овој град, а годинава се обезбедени и средства за изработка на проектно- техничка документација за реконструкција на објектот на НУ Музеј на Република Северна Македонија, соопштија од Министерството за култура.
На средбата, министерката за култура Стефоска ја нагласила важноста на овие институции чие соодветно функционирање е од особено значење за заштита на културното наследство и посочи дека од директорите и воопшто од вработените во овие институции очекува конструктивност, професионалност и координативен однос во работата.