Стефковски, доцна синоќа, на терен со инспектори и полицајци, ги бараа „загадувачите“


Заедно со инспектори и полиција, синоќа, градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски ги бараше загадувачите, затоа што повторно се ширеше остар мирис низ неколку маала. 

„Сѐ уште сум на терен заедно со мешани тимови од Секторот за инспекција на Општина Гази Баба и полициски службеници. Вршиме контроли на критичните локации кои беа идентификувани како можни извори на загадување“, информираше доцна синоќа градоначалникот Бобан Стефковски.

По пријави од граѓани, извршена е контрола и на едно правно лице за кое постојат индиции дека е извор на загадување.

„Доцна вечерва добивме пријава за пожар во Трубарево. Веднаш реагиравме и стапивме во контакт со Центарот за управување со кризи, по што се преземаат мерки за негово гаснење, вели Стефковски во објавата.

 

Попладнево во дел од Ченто беше почувствуван непријатен мирис, кој доаѓа од пожарот на депонијата во Арачиново. Тој додава дека фотографиите со густ црн чад што се споделуваа вчера се токму од таму.

„Им благодарам на граѓаните за будноста и поддршката. Голема благодарност и до полицијата за професионалната соработка. Ќе бидеме присутни на терен и во текот на ноќта, и утре – сѐ додека има потреба. Се работи без компромис кога е во прашање здравјето на граѓаните, порача Стефковски во својата објава на социјалните мрежи.